Во срцето на нашето Скопје, Жена парк е едно од оние места каде што зеленилото, спомените и историјата се среќаваат. Место за одмор од градското секојдневие, за средби и прошетки, кое заслужува да биде уредено и негувано, со внимание кон секој детал. Токму затоа, во тек е неговата целосна реконструкција, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Градежните активности опфаќаат замена на постојните подни плочки и пешачки патеки со мермерни, кои ќе му дадат поубав и поблагороден изглед на просторот, во склад со неговото значење и местоположба.


Истовремено, се реставрира постојната урбана опрема и со дополнително хортикултурно уредување се збогатува зелената слика на паркот.

-Претходно, го вративме Вечниот оган кај фонтаната, кој во минатото не беше во функција. Грижата за Скопје е наш приоритет и секојдневна одговорност. Продолжуваме со обновување и редовно одржување на постојните паркови, но и со подигнување нови зелени површини, за повеќе простор за одмор, дружење и уживање за сите генерации. Скопје заслужува грижа што се гледа и се чувствува. Заедно му ја враќаме убавината, вели Ѓорѓиевски.






