Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска му се приклучи на скопскиот  градоначалникот Петре Шилегов во борбата за чист ајро меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори.

Покрај Шилегов, кој вчера со ракавици, корнеше тревки низ Скопје, денеска и Шеќеринска влезе во стројот, а со себе ја поведе и војската на АРМ во борба за чиста животна средина.

– Една од многу важните политики на НАТО во рамки на нашите одбранбени реформи е зголемување на соработката на армиските структури со државните, со локалните власти, но најмногу со граѓаните. Денеска се вклучивме во раззеленување на еден важен појас за жителите на Скопје, близу до кејот, каде што спортуваат, каде што е паркот, каде што се белите дробови на нашиот главен град, објави Шеќеринска на Фејсбук.

Се би било во ред, кога ваква „борбена акција“ на армијата не би била за политички цели пред вториот круг од претседателските избори. А грижата за „белите дробови на нашиот главен град“ е и на Водно, каде што е во тек масакрот на шумата за изградба на гасоводот. Но, сред избори, кога се важни гласовите на граѓаните, десетина или стотина борчиња покрај кејот во Скопје се поголеми „бели дробови“ од тие што пилите и булдожерите ги распарталија на Водно.

Но, спроти избори, и сред избори како во случајов, најефектно е да се чисти и ајрото, како и непотизмот во државата, што го најави премиерот Зоран Заев.