Ова е второто најжешко лето по 2003 година, со исклучителни топлински врвови, покажуваат мерењата на Метео Франс. Во текот на ова метеоролошко лето, кое ги опфаќа месеците јуни, јули и август, во просек температурата изнесувала 22,67 степени, наспроти просечните 23,10 степени во летото 2003 година, јави дописникот на МИА.

Деталното резиме на летните мерења Метео Франс ќе ги открие попладнево, но отаму веќе потврдија дека ова лето беше обележано со неколку температурни рекорди. Во Нант на 18 јули беа достигнати 42 степени, што е апсолутен рекорд.

Севкупно, во Франција беше топло насекаде, без исклучок, особено во Ла Манш и Бретања, каде температурите обично се пониски.

– Не само што често имавме екстремно топло време, туку и немаше вистински студени денови на национално ниво од почетокот на јули, наведува Метео Франс.

Во Марсеј во моментов има 113 последователни денови со температура еднаква или поголема од 25 степени. Зголемување на температурата од редот на 4 до 5 степени во однос на нормалните бележи и Медитеранот.