Франција го повика Техеран да ги прекине нуклеарните активности што имаат тежина без преседан, во време кога американските и европските пратеници се состанаа за да разговараат за напорите за заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.
Американскиот пратеник Роберт Мели им се придружи на своите колеги од Франција, Велика Британија и Германија синоќа на состаноците во Париз, во, како што го нарече француското Министерство за надворешни работи, критичен момент за напорите за спас на договорот.
– Итно и клучно е Иран да ги прекине активностите што имаат невидена тежина и што го прекршуваат договорот, како и веднаш да ја продолжи целосната соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи Ен-Клер Лежандре.
Францускиот претставник потврди дека американските и европските партнери се подготвени веднаш да се вратат на преговорите со Техеран, со цел брзо да се склучи договор за враќање на Иран кон обврските и враќање на САД на Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA).
Во Вашингтон, портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс изјави дека САД и нивните партнери се обединети во верувањето дека дипломатијата останува најефективниот начин да се спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје.