Франција, Холандија, како и Данска, продолжуваат да се противат за старт на преговори со Македонија. Париз и Амстердам, во страв дека било каков почеток на преговори со нови земји кандидати би имало негативен ефект врз нивната домашна јавност, би сакале стартот на преговори со Скопје и Тирана да се одложи до после европските избори на пролет 2019, велат за МИА дипломатски извори во Советот на ЕУ.
Франција и Холандија се свесни дека по договорот за името со Грција мора нешто да и се пружи на Македонија, особено со оглед на претстојниот референдум. Притоа, другите земји членки, и посебно Германија, инсистираат дека француско-холандската опција не е добра.
Министрите во овој момент одржуваат неформални дискусии во Луксембург, брифираат дипломатски извори.
Утрово состанокот започнал со прошриувањето, секоја земја го изложила својот став.
Пред почетокот на состанокот, неколку министри ги најавија своите стартни позиции. Холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, изјави дека за неговата е земја е важно да види доказ дека реформите се имплементираат на одржлив начин и дека за тоа е потребно време.
Германскиот министер за Европа, Мајкл Рот, порача дека се надева дека ќе успее да ги убеди Франција и Холандија да не блокираат старт на преговори со Македонија и Албанија. Додека пак луксембуршкиот министер за надворешни, Жан Аселборн изјави дека неотворање преговори со Македонија би била „политичка грешка“.
Темата длабоко ги поларизира земјите членки на оние кои се за и оние кои се против. Иако вторите се малубројни потребен е консензус за почеток на преговори. Не е исклучено да не се постигне договор денеска и темата да им биде препратена на шефовите на држави и влади на ЕУ в четврток, тие да ја донесат конечната одлука.
Повеќе опции се на маса за да се изнајде компромис со Франција, како на пример да се даде зелено светло за да започне набрзо процесот на скрининг, а датумот за преговори да биде определен подоцна.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, порача дека дискусиите во ЕУ се водат помеѓу земјите кои сакаат старт на преговори со Македонија до летото 2019 и оние кои сакаат тоа да биде уште подоцна
– Денеска дискутиравме за проширувањето на Европската унија, каде постоеја две различни линии. Од една страна мнозинството од 25 земји кои сакаат и прифаќаат да почнат преговорите до летото 2019 за Северна Македонија, ПЈРМ, и Албанија и од друга страна Данска, Франција и Холандија кои сакаат да го одложат тоа. На многу јасен начин објаснив дека геополитичката и геостратешката политика во регионот, бара помош кон овие земји, а не одложување. Објаснив дека внатрешната ситуација во овие две земји, бара стабилност и безбедност, а не создавање нови проблеми. На крај, се наоѓаме во еден компромис што ќе предвидува дека ќе може да започне отворањето поглавја до летото 2019, односно нешто што е многу важно за нас, со актуелната комисија која многу добро ја знае и ситуацијата и проблемите, рече Коѕиас во Луксембург.
Преговорите за Македонија и Албанија се заглавени, откако земјите членки не успеаја да постигнат компромис утрово, одлучија да преминат на други преговори поврзани за претстојниот Самит, но со можност да се навратат на темата подоцна денеска.
Холандија и Франција, како и Данска, упорно блокираат преговори за Македонија и Албанија пред изборите за Европски Парламент кои треба да се одржат на лето 2019, од страв таа одлука да не предизвика подем на екстремната десница во нивните земји.
Нејасно е како ќе се излезе од несогласувањата бидејќи мнозинство земји членки сметаат дека Македонија и Албанија треба да бидат наградени за реформските напори, а особено Македонија за Договорот со Грција.
Не се исклучува ниедна варијанта во овој момент: условено започнување преговори, одложување на одлуката или сепак почеток на процес на скрининг во наредните недели или месеци, што би им овозможило на Французите да ја „продадат“ таа одлука на својата јавност која не е запознаена со финесите на преговарачките процеси во ЕУ, а поглавјата да почнат да се отвораат подоцна.
Многу е веројатно министрите да не постигнат договор за Македонија и прашањето да се префрли на лидерите на ЕУ во четврток.