Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Франција и Јужна Кореја ќе инвестираат по 500 милиони евра во текот на следните пет години за поддршка на филмската и аудиовизуелната индустрија.

– Заедно инвестираме една милијарда евра во следните пет години во она што го нарековме Партнерство на светлината, иницијатива за поддршка на филмската и аудиовизуелната индустрија и културниот суверенитет, наведе Макрон отворајќи го првиот Меѓународен самит посветен на иднината на кинематографијата.

Околу 200 претставници на глобалната филмска и аудиовизуелна индустрија, вклучувајќи неколку холивудски студија, присуствуваат на еднодневниот Самит, на кој се разговара и за заканите што ги претставуваат вештачката интелигенција и конкуренцијата од стриминг платформите.

– Бидејќи нашите дела исто така бележат нешто од нашето време и кои сме ние, но и поради нивната важност за нашата економија, бидејќи зад секое дело стојат автори, уметници, техничари, компании, работни места и цел синџир на вредности, мора да ја вратиме контролата врз овие големи технолошки трансформации, посочи Макрон.

Според него, би било „голема грешка“ ако вештачката интелигенција стане инструмент што ги замени или се обидува да ги замени авторите, креаторите и актерите, кои ги позајмуваат своите гласови на ликовите.

Макрон, исто така, најави создавање на нова меѓународна организација наречена Ирис, која ќе ги обедини „сите независни кина“ со цел „зачувување на различноста на овој модел“.