Обвинител во Саргемин, источна Франција, отвори истрага против европратеникот Флоријан Филипо за вадење на европското знаме од зградата за јавни финансии во Форбах на 1 мај, јави дописникот на МИА.
Флориан Филипо во средата го објави видеото од неговиот потег на вадење на европското знаме, кое го замени со француското во даночниот центар, со цел да докаже дека „девет милијарди евра секоја година одат во чиста загуба“ од Франција во Европската унија.
Обвинителството отвори истрага против Филипо за „нарушување на приватност на дом и кражба”, изјави обвинителот Жан-Лук Жаег.
– Според судската пракса, од моментот кога се качувате со скали и на тераса како што тој тоа го правеше, тоа е повреда на домот, а кога зема некој предмет што не е негов и го фрла, тоа е кражба, објасни обвинителот.
-Никој не е наивен, очигледно дека ова е диригирано од страна на макронистите, реагираше Филипо, основач на новата крајно десничарска партија Патриоти, чија листа ќе ја предводи на европските избори.
-Нема грабеж, нема прекршок, нема деградација, не е отстранет ниту шраф, рече тој. Флоријан Филипо увери дека ќе одговори на судските покани. Според европратеникот, европското знаме било потоа ставено во поштенското сандаче на даночниот центар.
Флориан Филипо беше член на Националниот Фронт, но по разидувањето со Марин Ле Пен ја формира партијата Патриоти.