Француските власти издадоа европски налог за апсење против имамот Икјусен, кој наводно се крие во Белгија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Имамот Хасан Икјусен обвинет за ширење радикализам и сепаратизам во џамиите во Франција е во бегство најверојатно во Белгија откако Франција одлучи да го протера. Властите во Париз донесоа одлука за протерување на имамот пред неколку дена, но во меѓувреме контроверзниот свештеник успеал да побегне.

Според властите тој успеал да прибегне во Белгија. Истражен судија од градот Валенсиен во Франција денеска издаде европски налог за апсење против имамот Икјусен, дознаваат белгиските и француските медиуми.

Хасан Икјусен е контроверзен свештеник во Франција кој, меѓу другото, шири тези против еманципацијата на жените на неговиот канал на Јутјуб.

Француските власти исто така го товарат за антисемитизам, омраза и блискост со Осама Бен Ладен.