Франција го презема кормилото на Европската Унија денеска и за следните шест месеци, и иако проширувањето на ЕУ останува табу тема за западноевропската јавност, за Северна Македонија и Албанија познавачите не исклучуваат напредок во процесот, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Приоритетите на Франција беа презентирани пред помалку од еден месец од страна на францускиот претседател, Емануел Макрон, на прес конференција во Париз. Зборот „проширување“ очекувано не беше споменат, но шефот на државата го смести Западниот Балкан заедно со Африка во неговите приоритети.
-Нема да можеме да изградиме Европа на мирот во следните 50 години ако го оставиме Западниот Балкан како што е денеска, изјави на 9 декември Макрон и истакна дека во јуни ќе организира Конференција за регионот.
Иако деталите за конференцијата не се познати, познавачите на политиката на проширување на ЕУ сметаат дека оваа изјава е сепак знак на смелост со оглед на општиот отпор на француската јавност кон проширувањето.
Како што објаснува за МИА француската новинарка специјализирана во политиката на проширување и заменик уредник на Агенција Европа, говорот на Макрон за француското претседателство во делот за Западен Балкан е помалку амбициозен во споредба со почетокот на неговиот мандат, но е чекор напред.
-Тој сепак го спомена Западниот Балкан во своите приоритети, сметам дека е ова е добар знак, и дека со оглед на ситуацијата во регионот не смее ништо да не се направи, но ќе треба да се види што ќе биде и со внатрешната политика во Франција бидејќи има избори, објаснува Жесан.
Претседателските избори во Франција треба да се одржат во април, што значи дека голем дел од енергијата на земјата ќе биде насочена кон политичката кампања, а проширувањето е посебно чувствителна тема која би можела да им служи како оружје на ривалите на Емануел Макрон.
Валери Пекрес, кандидатката на десната партија „Републиканци“ и за сега најголема „опасност“ за Макрон според анкетите, отворено се изјасни против секакво проширување на ЕУ.
Таа пред еден месец изјави дека не само што ќе го стопира проширувањето на ЕУ, но додаде и дека ќе ги замрзне и фондовите за земјите од проширувањето. Иако таа ја спомена само Турција, според експертите е јасно дека употреба на „земји“ во множина јасно укажува дека таквата одлука би ја применила и на шесте земји од Западен Балкан. Впрочем, процесот со Турција е веќе замрзнат.
Жесан вели дека почеток на преговорите за време на француското претседателство, пред изборите, ќе биде веднаш злоупотребено од страна на другите кандидати во Франција, посебно доколку преговорите започнат со Албанија.
-Во француската имагинација има поголем проблем со Албанија, со неоправданите барања за азил, идеите за „албанска мафија“, во колективната имагинација во Франција, Албанија претставува поголем проблем, за Северна Македонија не толку, објаснува новинарката за МИА.
Ова би требало од една страна да значи дека барањата на Бугарија за одвојување на Северна Македонија и Албанија немаат речиси никаква шанса да поминат, и не само поради отпорот на Французите кон Албанија, но и поради тоа што министрите на ЕУ се свесни дека таква одлука би се косела со принципот на заслуга на кој ЕУ постојано инсистира.
Жесан, која од блиску ги следи министерските совети за проширувањето, вели дека многумина се изморени од бугарската блокада и загрижени за кредибилитетот на ЕУ посебно во однос на Северна Македонија од која се бараа огромни напори и сите се исполнети.
-Но оваа блокада овозможува да се блокира и Албанија и мислам дека Франција не е меѓу најразочараните што Албанија не напредува. Франција нема проблем со Северна Македонија, таа секогаш имала отпор кон Албанија, сепак не верувам дека би блокирала. Проблемот е што Бугарија толку долго сега блокира што е тешко да се знае што мислат точно другите земји, вели Жесан за МИА.
Блокада од Франција би била лошо перципирана и малку веројатна сепак, сега кога е усвоена новата методологија за преговори по барање на Франција и по модел на нејзиниот предлог речиси збор до збор.
Дополнително, објаснува новинарката, во ЕУ постои растечка свест дека влијанието на Унијата опаѓа во регионот, освестување кое станало акутно во моментот на дистрибуцијата на вакцините против Ковид-19 кога повеќето земји од Западен Балкан се свртеа кон Кина во недостиг на дози и неисполнети ветувања од ЕУ.
-Ми се чини дека во тој миг Европејците се освестија дека не се незаменливи, секогаш се враќа зборот „кредибилитет“ во разговорите и иако велат дека нема подобра алтернатива од ЕУ, има свест дека на луѓето може да им се смачи. А проевропското расположение паѓа и во самите земји членки на ЕУ, така што кога се игра со оган секогаш има ризик да се изгорите, и Балканот е сѐ уште регион под тензија, предупредува Жесан.
Чувствителноста на политичкиот момент во кој започнува француското претседателство е веројатно и главното објаснување зашто Макрон за време на презентацијата на приоритетите не го спомена зборот проширување.
Според Жесан со оглед на реалноста на терен со разните блокади, во случајот на Северна Македонија од страна на Грција, потоа на Франција и Холандија, а сега Бугарија, Европската Унија бара начин да го задржи регионот вкотвен за ЕУ за да не изгуби целосно влијание во контекст на битка со Кина, Русија и Турција.
-Не сум слушнала да се размислува за алтернативен модел на интеграција, но Французите се секогаш многу внимателни, и секогаш е лесно за земјите да се кријат зад други земји. Ако утре Бугарија деблокира, не велам дека Франција ќе блокира, но лесно кога се криеш зад некого. И ако добро разбрав за време на ноемвриската дебата за проширувањето во Советот, Франција не кажа ништо, или затоа што други го кажале тоа што го мисли или поради претстојното претседателство, но сите добро знаеме дека Франција не е таа што ќе настапи со знаме за поддршка на проширувањето, иронизира новинарката која со години ја следи оваа политика.
Меѓутоа, додава таа, Макрон е свесен и дека други светски сили имаат претензии кон регионот, и дека ситуацијата во регионот е под голема тензија, од Босна до Косово.
Во овој контекст најверојатно треба и да се сфати најавена Конференција за Западен Балкан за која за сега нема никакви детали ниту за содржината ниту за форматот. Дали ќе бидат поканети лидерите од регионот, кои ќе бидат темите, која ќе биде целта на оваа конференција, ништо не е познато во овој момент освен дека ќе се одржи во јуни, односно после претседателските избори. Доколку Макрон остане претседател. Доколку ги изгуби изборите може да се очекуваат промени во француската програма, сметаат многумина познавачи.
Најверојатно е дека оваа конференција повторно ќе биде посветена на економски проекти за регионот.
Освен Северна Македонија, Франција и ЕУ во наредните месеци ќе се соочат и со главоболки во Босна и Херцеговина, каде лидерот на Република Српска сѐ посмело настапува со запалива реторика, а поддршка има барем од унгарскиот премиер Виктор Орбан. Како Франција ќе се справи со оваа ситуација останува неизвесно за многумина.
-Досега Макрон не се покажа многу присутен на оваа тема, Советот е целосно поделен на оваа тема, од една страна Орбан се шета во Република Српска, а Германија бара санкции. Мислам дека од Франција може повеќе да се очекува некаква „неутралност“, не верувам дека ќе оди кон санкции како што сака Германија, повеќе шанси има да ги искористи добрите односи меѓу Франција и Србија за да се обиде да ја смири ситуацијата доколку работите се влошат, смета уредничката на Агенција Европа.
Тања Милевска за МИА