Повеќе од 900.000 луѓе во Франција побрзаа да закажат вакцинација од синоќа откако претседателот на државата предупреди дека ќе бидат воведени ограничувања за сите оние кои немаат здравствена дозвола со која се потврдува дека биле вакцинирани или имаат негативен тест за Ковид-19.
Откривајќи обемни мерки за борба против инфекцијата, Емануел Макрон рече дека вакцинирањето засега нема да биде задолжително за пошироката јавност, но истакна дека ограничувањата ќе влијаат на оние кои не се вакцинирани.
Претседателот рече дека здравствените работници мора да бидат вакцинирани до 15 септември или ќе сносат последици.
Станислас Ниокс-Шато, кој раководи со Доктолиб (Doctolib), една од најголемите веб-страници во државата за резервации за термини за вакцинирање, за радиото РМЦ изјави дека рекорден број луѓе бараат вакцинирање по објавата на претседателот.
– За неколку минути имаше 7,5 милиони врски со страницата Доктолиб. Повеќе од 900.000 луѓе се пријавија на вакцинација вчера, двојно повеќе од последниот рекорден број на 11 мај, изјави Ниокс-Шато.
Макрон вчера рече дека здравствената пропусница е потребена за широк спектар на настани, и сега ќе биде потребна многу почесто, вклучително и за влез во ресторани, кина и театри.