Во градот Ниамеј илјадници луѓе го прославија заминувањето на француските војници од Нигер, земја во која воена хунта е на власт по државниот удар, јавија француските медиуми.
На средбата присуствуваа премиерите на Нигер, Буркина Фасо и Мали.
„Овој собир го означува крајот на протестите кои започнаа на 2 септември пред воздухопловната база во Ниамеј, а се одржаа „до заминувањето на француските сили“, изјави членот на граѓанското општество Адаму Иса.
Минатиот петок, на 22 декември, Франција го заврши повлекувањето на своите 1.500 војници од Нигер, кои ја напуштија земјата на барање на новата воена хунта. Со ова заврши десетгодишната борба на Франција против екстремистите во Сахел.
Во таа област, Нигер беше еден од последните сојузници на Париз пред пучот на 26 јули со кој беше соборен избраниот претседател Мохамед Базум.
Фото: МИА архива