Францускиот сенат усвои Резолуција со која се повикува Владата да ја признае независноста на Нагорно Карабах.

Документот е усвоен со 305 гласа „за“, додека само еден беше против.

„Сенатот ја повикува француската Влада да ја признае Република Нагорно Карабах и да го искористи тоа признание како инструмент во преговорите со цел да се воспостави стабилен мир“, се вели во документот.

Резолуциите на францускиот Сенат (Горниот дом на парламентот) имаат карактер на препорака, извршната власт не е обврзана да ги почитува.

Лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија, Владимир Путин, Илхам Алиjев и Никол Пашинјан, на 10 ноември потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на непријателствата во Нагорно Карабах.

Според изјавата, дел од регионот е под контрола на Азербејџан, страните ќе разменуваат затвореници, а руските мировници ќе бидат распоредени долж контактната линија и долж коридорот Лачин што го поврзува Карабах со Ерменија.