Колку и да се вљубени еден во друг – луѓето во Франција многу ретко си кажуваат – „Те сакам“. Канадската писателка Лили Хајз објаснува за „Би-би-си травел“, за посебните обичаи на народот во Франција – земја во која љубовта не се покажува со зборови, туку со дела.
Авторката на „Те сакам – ниту јас“ (Je T’aime, Me neither), во книгата зборува за тоа како нејзиното поранешно момче (Французин) ја оставил велејќи „Повеќе не те сакам“. Пишувајќи за раскинувањето, таа постави кратко прашање – Како е можно тој да ја остави велејќи дека не ја сака и никогаш порано не ѝ рекол „Те сакам“?
„Французите не велат ’те сакам‘, затоа што немаат зборови за да ги изразат длабоките емоции што ги чувствуваат едни кон други. Постои термин ‘aimer’, што значи ‘ми се допаѓа’ или ’сакам’. Но, Французите го користат овој збор за да кажат дека им се допаѓа одреден спорт, храна или мирис. Тие никогаш не го избираат овој збор кога сакаат да изразат љубов кон партнер, член на семејство или пријател“, вели Хајз.
И според француската писателка Мари Хузел, Французите, наместо да зборуваат за своите чувства, претпочитаат да ги покажат на дело. Тие споделуваат љубов преку комплименти, подароци, помош и поддршка.
„Ова не важи само за љубовни врски. На пример, родителите многу ретко ќе му кажат на своето дете дека го сакаат, а ќе го тапкаат секој ден и ќе го нарекуваат со посебни прекари. Љубовта се крие во посебни честитки, прекари, прегратки и бакнежи. Токму во нив има многу поголема љубов – во интимните гестови, отколку во зборовите ’Те сакам‘. Затоа, делата се многу поважни за Французите од зборовите“, пишува Хузел.
Писателките велат оти бакнежите и прегратките ги менуваат зборовите „Те сакам“ во скоро секоја врска. Кога не можат да ги бакнат своите најблиски, Французите ги пишуваат или изговараат зборовите „je t’embrasse“ (те гушкам) и на крајот од пораките – зборот „bises“ (бакнежи).
Иако изминатата година мораа да одржуваат физичко растојание поради пандемијата на коронавирус, Французите воведоа поздрави со рацете, лактите и нозете како алтернатива. Сепак, со нормализацијата на епидемиолошката состојба, нормалните поздрави полека се враќаат – сè повеќе Французи повторно се бакнуваат и се гушкаат на улица и се многу среќни што можат повторно да остварат физички контакт едни со други. Бидејќи, во земја каде што „не се зборува љубовта“, сите едвај чекаат можност да ја покажат.