Обновата на францускиот пат во националниот парк „Пелистер“, изграден за време на Првата светска војна, беше во фокусот на средбата меѓу директорот на ЈУ Национален парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски и францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер.
По средбата, Тошевски информираше дека обновата на францускиот пат ќе придонесе за подобра заштита на природата, поефикасна контрола на теренот и подобар мониторинг на растителните и животинските видови во националниот парк.
-Францускиот пат има и големо културно-историско значење кое ќе создаде нова додадена вредност во развојот на еко активен туризам – истакна Тошевски и потврди дека францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер изразил сериозна заинтересираност за активно вклучување во обновувањето на францускиот пат и да овозможи полесна достапност до историските податоци за воените дејствија во текот на Првата светска војна по должината на овој правец.
Обновата на францускиот пат на Пелистер е и во стратешките документи на ЈУ Национален парк „Пелистер“ Битола.




