Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска ја посети Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, во Полицискиот центар во Ѓорче Петров, каде што беше пуштен во употреба реконструиран објект кој подолг период беше надвор од функција поради оштетувања предизвикани од пожар.
Како што информира Тошковски, за реконструкцијата се инвестирани околу 8 милиони денари, при што целосно се обновени 488 квадратни метри простор, со што се обезбедени значително подобри услови за работа на полициските службеници.
Во рамки на посетата, министерот се запознал и со специјализираната обука на припадниците на униформираната полиција за справување со нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем, како и со новата опрема наменета за специјалните полициски единици, чија набавка е во тек.
Тошковски истакна дека полицајците мора да имаат соодветни услови за работа, квалитетна обука и современа опрема, нагласувајќи дека вложувањата во полицијата се вложувања во безбедноста на граѓаните.
Тој информираше и дека, според изнесените податоци, Македонија бележи најниска стапка на криминалитет во последните 20 години, додека ефикасноста во откривањето на кривичните дела и нивните сторители изнесува 70,3 проценти.
Министерот најави дека ќе продолжат активностите за модернизација на полицијата, подобрување на работните услови и зајакнување на нејзините оперативни капацитети.




