Во медиумите низ Македонија деновиве се шират лаги за финансиското работење на Постојана мисија на Република С. Македонија при ООН во Њујорк и за амбасадорот, професорот Љубомир Фрчкоски, со поднаслов „од извори на МНР“. Клучниот дел од тие лаги поранешниот министер, Бујар Османи, ги демантираше јавно нарекувајќи ги токму така „лаги“ ((https://www.mfa.gov.mk/mk/page/13/post/3473/fabrikata-za-lagi-prodolzhuva-da-shiri-manipulacii-i-netrpelivost), а се однесуваа на добиените пари за сукцесија на објектот на поранешната СФРЈ во Њујорк.
Да потсетиме, конструкциите се однесуваа на тврдењата дека „амбасадорот со тогашниот Премиер прави матни зделки со тие пари и не ги внесува во буџетот каде законски припаѓаат“.
За тие тврдења кои сега, независно од аргументираниот демант од Бујар Османи, повторно се јавуваат, Мисијата ги објавува следните документи (јавни исправи) од Уплати на тие пари од сукцесијата во Буџетот во три наврати (Прилог 1,2,3) – со што целосно се демантираат тврдењата на МНР (да биде состојбата за службите таму потрагична, тие кои сега се нудат да “им учинат на новите власти“ овие документи на време ги имаат на увид и во поседство).
Службите во МНР не ѝ доставуваат на мисијата соодветни средства за лекарско осигурување на вработените во мисијата со што се крши законската обврска тоа безусловно да се обезбеди (на основа на погрешно направен тендер на вработена во мисијата која сега е во кабинетот на Министерот), а чие необезбедување повлекува кривична одговорност. Мисијата чува некои минимални средства на државната, своја сметка во случај МНР да не обезбеди средсва, а законската обврска принудува тие да ѝ се платат на здравствената компанија во САД. (Прилог 4 Состојба на банкарска сметка) И тоа е сè. И тоа е јасно и транспарентно.
Срамна и мизерна е забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија. Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го примораа привремено да искористи пари од мисијата за авио билет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства.
Што повеќе да се каже?
Не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата кога не е „погоден“ на идеологијата на новите власти. И тоа е спремен да го направи. Амбасадорот, потврдува мисијата, моментално е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата, за што МНР нема потреба да измеќарува.
Но начинот кој МНР го бира за таа операција на отстранување на амбасадорот, со конструкција на валканици во финаското работење наспроти толку претходни и сегашни деманти е срамен, заслужува секаква осуда и покажува неприфатливо ниво на комуникација во јавноста.
Најпосле, мисијата го повикува МНР кој има инструменти, да испрати ревизија во мисијата која ќе ја утврди состојбата во целокупното работење на истата.
На крајот посебна трагедија во МНР е фактот што со ниту еде единствен збор не посочија на резултатите на Мисијата на С. Македонија во ОН овие двеипол години. Во извештаите ги имаа сите факти, проекти и настапи. Исклучително значајни резултати. Но, за тоа во некои подобри времиња.
Постојана Мисија на Република С. Македонија во ООН во Њујорк
Амбасадор Љубомир Д. Фрчкоски