Директорот во секторот за правни и општи работи во АД за Стопанисување со станбен и деловен простор, Јон Фрчкоски во изјава за МИА ги дематира пишувањата во некои македонски медиуми дека на скопската арена ќе се игра Светско фудбалско првенство на непризнаени држави и малцински заедници.
– Ниту сме имале, ниту имаме навестување за барање за одржување на вавков настан на Арена „Тоше Проески“. По шпекулациите во дел од медиумите во врска со овој настан, разговарано е во нашето претпријатие и заклучено дека немаме интенција да го отстапиме стадионот на користење за фудбалски натпревари на било кој субјект, освен на македонски екипи и се разбира на репрезентацијата. Мислам дека сите други заинтересирани за одигрување фудбалски натпревари на нашиот стадион, прво треба да ја контактираат Фудбалската федерација на Македонија. А колку што ми е познато, ниту ФФМ нема никави сознанија за организирање на ваков Мундијал кај нас, изјави Фрчкоски.
Во некои македонски медиуми се појавија шпекулации дека Конфедерацијата на независни фудбалски асоцијации во Македонија од 30 мај до 7 јуни ќе организира Мундијал на кој ќе учествуваат 16 репрезентации.