Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е разрешена од функцијата и е во притвор како осомничена во случајот „Рекет“, во вторник повторно ќе дава исказ во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ова го најави нејзината адвокатка Ирена Данаилова-Фрчкоска во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат.
– Повторно е повикана. Во вторник ќе дава исказ, рече Фрчкоска, одговарајќи на новинарско прашање.
Според Фрчкоска, било очекувано Јанева да биде разрешена од функцијата специјален јавен обвинител, но дискутабилна е одлуката на Советот за јавни обвинители за нејзино разрешување од функцијата јавен обвинител во Гевгелија.
– Сметам дека таа одлука на Советот за јавни обвинители е спорна и претпоставувам дека ќе биде предмет на некаква жалба, рече Фрчкоска.
Во однос на тоа дали требало да има присутен нотар при потпишувањето на дописите што Јанева ги испрати од затворот во Шутка, Фрчкоска вели дека нужност за присуство на нотар не постои, ниту пак законот го бара тоа.
– Секое притворено лице согласно член 178 од Закнот за кривична постапка има право да испраќа дописи до лица кои се наоѓаат надвор од притворот и на некој начин да врши некаква присмена коресподенција. Има ситуации кои притворени лица испраќаат молби или жалби некој да ги посети и тоа е сосема легитимно. И во овој случај е постапено на ист начин, нагласи Фрчкоска.
Во врска со реакциите кои уследија по неодамнешната изјава на премиерот Зоран Заев во која тој споменува дека разговарал со Фрчкоска, таа демантира дека станува збор за било каква координација на Јанева со премиерот преку неа.
Прашана дали има докази за инволвираност на Јанева во случајот „Рекет“, Фрчкоска вели дека и биле презентирани селективни докази и оти од она што го видела не произлегува било каква инволвираност или индиции на постоење на основано сомнение дека Јанева го сторила делото за кое се сомничи.
За снимките во кои се слуша како Јанева комуницира со осомничени лице кое е предмет што го води СЈО, Фрчкоска вели дека тие разговори ги толкуваат во насока на изјавата на Јанева дека се работело за евентуална соработка како сведок во друга постапка.
Според Фрчкоска, ќе треба да се види дали овие снимки ќе може да бидат искористени како докази во кривичната постапка бидејќи тие не може да се поистоветат со снимките што ги користи СЈО во постапките.
– Не може да се поистоветат снимките што СЈО ги третираше како докази и овие снимки. Снимките од нелегалното прислушување беа озаконети со Закон за СЈО, а овие докази се третираат како докази кои се прибавени на незаконит начин и како такви треба да бидат издвоени од постапката, смета Фрчкоска.