Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон не се согласуваат со одлуката за формирање европска Супер лига, надвор од ингеренциите на УЕФА.
Ниту еден француски клуб не го поддржа создавањето на Суперлигата, додека Англија ќе има свои претставници.
– Претседателот Макрон ја поздравува позицијата на француските клубови да одбијат да учествуваат во Супер лигата, што ги загрозува принципите на единство и спортски заслуги. Француските власти ќе ги поддржат сите чекори преземени од француската федерација и лига, УЕФА и ФИФА за заштита на интегритетот на натпреварувањето, национално или европско, соопшти претседателската прес-служба.
Ноќеска беше објавено формирањето на Супер лигата, во која ќе играат Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Реал, Барселона, Атлетико, Милан, Интер и Јувентус. Други 8 тимови учеснички ќе бидат објавени на подоцнежен датум.
За овој чекор британскиот премиер Борис Џонсон вели дека е нанесена огромна штета на фудбалот.
– Суперлигата го погоди срцето на фудбалот и ги остави сите англиски навивачи во неред. Клубовите што ќе решат да учествуваат во Супер лигата мора да одговори на навивачите и фудбалската заедница за ваквите радикални чекори, изјави Џонсон.
Се очекува турнирот да започне во август оваа година.