Во фудбалската 2021/22 ЖФК Љуботен од Тетово за прв пат ја освои Првата фудбалска лига, а во новата 2022/23 сигурно стои на врвот од табелата со девет победи од исто толку натпревари. На овој начин женскиот фудбалски клуб е најуспешен клуб во градот под Шара со оглед дека во машка конкуренција клубовите не успеаа да ја освојат титула во првенството или Купот. За овие постигнувања ЖФК Љуботен годинава беше единствениот спортски клуб кој го доби Градското признание 19 Ноември, по повод Денот на ослободувањето.

Сината боја на клубот ја бранат девојки од 15 до 27 години.  Ги посетивме на еден од нивните тренинзи што се одржуваат секојдневно на фудбалското игралиште на Спортскиот центар во Тетово. Иако има само неколку степени над нулата, девојките со максимален жар го спроведуваат тренингот како подготовка за викендите кога се играат првенствените натпревари.

Уште во 2020 кога во Тетово и во ЖФК Љуботен пристигна првата Бразилка (21 годишната Ана Бетриз Тарантино Гуилермо Салино или со прекар Роналдиња која веќе не е во клубот) најавено беше клубот има амбиции за нешто повеќе од колку обезбедување опстанок како што беше до тогаш.

За само две години целите се исполнети, шампионска титула и обезбеден квалификациски турнир за Лигата на шампионите. Лигата беше освоена со само еден пораз. Во август се играше за прв пат турнирот во Скопје со австриски Сент Полтен и со бугарската екипа Локомотив Стара Загора, при што немаа победа но стекнаа големо искуство.

Но играта не застанува тука. Фудбалерките и стручниот во оваа есенска полусезона не знаат за пораз. Добиени се сите натпревари, а на некои од нив бележеа огромни победи со 14:0, 13:0 и 9:0. Аспирациите се големи-освојување повторно на првенството и што подолготрајно настапување во Лигата на шампиони.

– Амбициите на клубот се што повеќе години да бидеме на првото место во државното првенство, а со тоа да имаме и пласман во Лигата на шампионите. Наредното учество сакаме да биде што подолготрајно, тоа е главната насока на која што работиме, вели Ивица Радоњиќ, тренер на ЖФК Љуботен,а воедно и генерален секретар во клубот.

 

За костурот на екипата се задолжени, а воедно и го одржуваат лидерскиот квалитет во лигата, професионалните фудбалерки, меѓу кои има пет сениорски репрезентативки и пет интернационалки. Од странците две се од Србија и три од Бразил, а за ЖФК Љуботен играат и три млади репрезентативки.

– Мало место е Тетово, ама добри луѓе. Одиме, градиме империја. Кој и да дојде гледаме биде прифатен, да се вклопи во екипата, како да е од прв ден. Ок ни е екипата,  вели со насмевка високата Сања Ратковиќ, од главниот град на Србија, Белград.

Таа во Љуботен дошла по седум години поминати во Америка каде студирала и играла фудбал.

Тчеури Харуми Гоја или Гоја за соиграчите, Маиса Бенедито Делгадо и Присцила Едите Силва се трите Бразилки кои настапуваат во клубот и меѓусебно се тешат за ладното време со кое се соочиле за разлика од родната земај.

– Многу е ладно, да.  Се покривам со многу ќебиња на спиење. Некои денови, ми е ладно и не сакам да одам на тренинг, сакам да седам во соба цел ден на топло. За мене не беше многу тешко да се навикнам затоа што три години живеев во Србија, па сум навикната. Присила е тука само осум месеци, но е ок. Маиса се мачи со адаптацијата. Но се е добро. Храната, само ладното време е тешко за нас, вели во смеа младата Бразилк Тчеури Гоја.

Иако доаѓаат од Бразил чија прва асоцијација е фудбалска земја, тие велат дека за нив тоа не значи дека лесно поминуваат на дуелите, односно дека има талентирани фудбалерки.

– Можеби нивото е повисоко во Бразил, како и во Србија со висок интензитет, играв за Спартак Суботица, играв со нив во Лига на шампиони и тоа против Баерн Минхен од Германија. Друг е интензитетот се разбира, но не е премногу лесно за нас. Имаме лесни натпревари, тоа да. Ама пример со Тиверија имавме тежок натревар, со АС Јунајтед дадовме голови во последните минути, претпоставувам дека со Каменица исто ќе биде тежок натпревар. Оваа лига е добра, но може да биде уште подобра, вели Гоја.

Додека разговаравме на англиски јазик, таа употребува и неколку зборови на македонски.

-Разбирам македонски стотина зборови – малку, здраво, довидување, како си. Во игра се разбирам леѓа, пази, полека, менувај страна, катастрофа…И секако зборот на здравје, вели Гоја.

Дека иднината на ЖФК Љуботен е во поволна насока говори и фактот дека сите помлади фудбалерки се од Тетово. Сите тие се и репрезентативки, тука се Ива Јовановска (У17), Росана Китановска (У15) Ангела Ваневска (У15), Мила Павловска (У15) голман и  Елена Симјанова (У15).

И на крајот се разбира на натпреварите од Светското првенство во Катар, Бразилките навиваат и очекуваат Бразил да биде првак, Србинки се за Србија, а на младите тетовчанки фаворит им  Аргентина.

Александар Самарџиев за МИА