Актуелниот случај со Бугарија е школски пример за тоа колку политиката може нештата да ги расипе. Видовме колку е силна нејзината деструктивност, доколку е приграбена од суетни, неспособни и глуви луѓе, вели митрополитот Агатангел во интервјуто за весникот Вечер.

-Проблемот се нашите властодршци, кои немаат никаков сенс за духовното здравје на македонскиот народ. Во својата сервилност и нетактичност се однесуваат како да се противници на овој народ, а не негови бранители и службеници, вели во божикното интервју за весникот ВЕЧЕР, митрополитот повардарски, владиката Агатангел. „Од овој народ земаат плата и добиваат позиции и привилегии, а штитат туѓи интереси. Истото го направија и со промената на името. Откако го понижија и го згазија македонскиот народ, откако го фрлија во колективна депресија и апатија, откако ни нанесоа долговековен срам, и откако не добија ништо од тоа што им беше ветувано, ни малку не се вразумија. Напротив, и понатаму продолжуваат да тонат од бесмислица во бесмислица. Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум, Гоце Делчев се нашите народни столбови врз кои е изградено македонското национално здание. Ако еден од овие столбови биде нагризан, или не дај Боже срушен, ќе гледаме пред нашите очи невидена катастрофа со фатални последици“, вели владиката Агатангел.

-Божик, голем христијански празник, симбол на раѓањето, животот, љубовта, дарувањето… Со какви чувства гопречекувате и на кои празнични пораки ќе ги потсетите оние кои го следат патот на христијанството?

На секој православен христијанин, на сите мои драги и возљубени Македонци и Македонки, на сите граѓани во оваа наша прекрасна земја, им посакувам пред сè добро здравје и постојан мир во нивните срца. Преку воплотувањето Христово ни се дарува вистинската слобода, бидејќи не сме повеќе под јаремот на гревот и смртта. Од овој момент ништо повеќе не владее со нас. На човекот му се врати достоинството, му се даде можност да изгради вечно живеалиште во рајските населби. Преку Господ Исус Христос се надминати сите граници и ограничувања, победена е секоја несреќа и неволја, утврдена е секоја правда и вистина, дарувана е можноста за осмислен живот. Сега секоја борба со искушенијата си има своја крајна цел и оправдување. Животот не е залудно потрошено време, кое е препуштено на заборавот и исчезнувањето. Победничкиот венец, како скапоцена круна и награда, ќе биде поставена врз главата на праведникот, во чија душа засекогаш е распослана вечната утеха. За секој посветен следбеник Христов ова не е само овоземен симбол и моментална инспирација, туку е жива реалност, такт што тивко бие и правилно го наведува коработ на животот кон мирното пристаниште на Царството Божјо. Имајќи го за пример и патеводител родениот Богомладенец, да го надминеме секој страв и секоја слабост, да го утврдиме духот во нашите битија, да изградиме чист трон и блескав престол, врз кого, како добар цар и владетел, ќе заседне Синот Божји, родениот Спасител, долгоочекуваниот Месија. Христос се роди! Самиот Бог го зеде нашето тело, ја усвои нашата природа, и како човек живееше меѓу луѓето. За оваа неземна Божја љубов, секојдневно, не само денес, ќе треба да благодариме.

-За жал, сведоци сме на различни манифестирања на регресија на духот. Се чини дека границата меѓу доброто и злото се поместува…

Така е! Регресијата на духот е резултат на ерозијата на моралот. Ниту една цивилизација, па колку и да била навидум „совршена“, не преживеала, ако ја избришала границата меѓу доброто и злото. Живееме во време кога сме присилени да се бориме и да ја докажуваме нормалноста. Лажната слобода, чија девиза е „сè ми е дозволено“, на парадоксален начин го заробува и полека го поништува човекот. Сите понекогаш се чувствуваме како битија потопени во длабокото море. Колку повеќе се обидуваме да викаме и запомагаме, толку повеќе во нашите бели дробови ни влегува од солената вода. Живееме во скршена држава, скршена економија, скршено образование, скршени семејства, скршено судство, скршено е нашето срце, нашиот ум, нашата мисла, па од ваквата секаде-присутна „скршеност“ неминовно си ја прекршуваме и нашата околина, нашето непосредно општество.

Си создаваме лажни и скршени божества, енормни богатства, петминутна слава, ненаситна лакомост, кои само моментално ни даваат минливо и скршено задоволство. Вака структурирани, поточно вака накриво насадени и накалемени, без трошка совест и сомилост ги повредуваме другите. Мислиме дека сме сами на овој свет, дека од нас почнува историјата на светот и човештвото, па затоа со невидена леснотија газиме по традицијата и по славното минато, рушиме историја, менуваме вековни имиња, ништиме јазик и народен идентитет. Додека си мислиме дека креваме револуција, се спремаме да голтнеме од отровот кој е помешан со зашеќерен мед. Во таборот на слепите ја бараме светлата иднина. Погледнете ги нашите првенци, без разлика која област и да ја одберете, и ќе ви биде јасно со каква чума си имаме работа.

Целото интервју може да го прочитате ТУКА.