Поглаварот на Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија г.г. Стефан бара извинување од МРТ за тоа што за време на синоќешниот Божикен концерт што беше пренесуван на МТВ1 на кајронот наместо титулата „Архиепископ Охридски и Македонски“ стоеше скратената титула „Архиепископ Охридски“.

– За време на вчерашниот Божикен концерт на празнични песни – одржан како завршен дел од манифестацијата „Бадникови поворки“, беше направена груба, се надеваме ненамерна, грешка. Имено, за време на Нашиот благодарствен говор на кајронот на МТВ1 наместо титулата „Архиепископ Охридски и Македонски“ стоеше скратената титула „Архиепископ Охридски.

Не сакајќи да веруваме дека станува збор за свесно или нарачано искривување на титулирањето на поглаварот на Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија, Ве замолуваме уште денеска во средствата за информирање на Јавниот сервис да објавите извинување за овој голем превид. Во спротивно ќе бидеме принудени и Ние лично како Архиепископ Охридски и Македонски и сите свештенослужители на Скопската епархија и на други македонски епархии да ја преиспитаме нашата соработка со Јавниот сервис, а којашто сè досега, беше исклучително коректна и плодотворната. Верувајќи дека ќе излезете во пресрет на ова наше барање и дека во иднина нема да се прават вакви сериозни грешки, Ве поздравуваме со торжествениот христијански позив: Х Р И С Т О С   С Е   Р О Д И!- се наведува во реакцијата на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан до директорот на јавниот сервис Македонска радио-телевизија (МРТВ) Марјан Цветковски.

Ова е уште еден пример колку боли кога ќе ти биде сменето името. Колку за потсетување на тие што не им значи смената на името на Република Македонија и смената на името на Македонската радио-телевизија, Македонската телевизија, Македонското радио, кои често од власта и нејзините приврзаници се користат со имињата Нацинална радио-телевизија, Национална телевизија или Национално радио.