Во овој сегмент од едно негово гостување, светски признатиот психијастар Габор Мате зборува за зависностите.

Габор Мате: Зависноста никогаш не е прашање на избор, ниту, пак, е некаква генетска болест. Тоа е целосна бесмислица. Она што всушност претставува зависноста е обид да се реши некој проблем во животот.

Во твојот случај, се обидуваше да го решиш проблемот со чувството дека си заробен. Токму тоа е поврзано со траумите од детството за кои и самиот јавно зборуваш. Во мојот случај, зависноста од работата беше обид да си докажам себеси дека имам право да постојам, дека сум важен и дека заслужувам љубов. А тоа, исто така, потекнуваше од моите искуства во детството. Затоа, зависноста не е болест во вистинска смисла на зборот. Може да се манифестира како болест, но не е болест сама по себе. Исто така, таа не е нешто што некој свесно избира. Всушност, станува збор за обид да се реши длабок животен проблем, кој во секој случај е последица на траума.

Луис Хоус: Дали е можно човек сам да залечи некоја длабока внатрешна рана, траума што ја носи со себе со децении и од која се обидувал да избега преку зависност? Може ли тоа да го направи сам или навистина му е потребна поддршка од други луѓе, можеби и цел тим? Што мислиш ти за тоа?

Габор Мате: Мислам дека тоа е можно, но многу ретко. Можеби некој ќе доживее длабоко духовно искуство. Можеби ќе биде некаде во природа и одеднаш ќе почувствува дека е едно со универзумот.

Луис Хоус: Ќе почувствува присуство и поврзаност со сè околу себе.

Габор Мате: Да. Токму така. Тоа навистина може да се случи. На некои луѓе им се случува…

Луис Хоус: …и едноставно одлучуваат: „Повеќе нема да го правам ова“.

Габор Мате: Всушност, сфаќаат дека веќе немаат потреба од тоа. Затоа што се слободни. Се чувствуваат слободни. Но, за повеќето од нас, луѓето што живееме на оваа планета, тоа е многу ретко. Потребни се голема самосвест, поддршка, поврзаност со другите и насоки. Затоа, ако го слушате ова и се соочувате со некаков вид зависност, како што зборуваме јас и Луис, не чекајте да ви се случи некаков чудесен пресврт. Побарајте помош, бидејќи така имате многу поголеми шанси да се справите со проблемот.

Луис Хоус: Да. А што би рекол, која е основната причина за сите видови зависност? Дали станува збор за некоја внатрешна рана? За чувството дека сме заробени од нешто што ни се случило во минатото?

Габор Мате: Самото чувство дека си заробен е знак дека постои некаква внатрешна рана. Всушност, зборот „траума“ значи рана. Потекнува од грчкиот јазик и токму тоа е неговото значење. Кога децата се повредени, а притоа немаат поддршка, никој не ги забележува, не ги прифаќа и не им помага, тие остануваат заробени во таа рана. А тоа чувство на заробеност, заедно со однесувањето преку кое се обидуваат да избегаат од сопствената болка, е начинот на кој траумата се манифестира во нашиот живот.

Луис Хоус: Интересно. А тука се и нашата култура и општеството. Во мојата книга зборувам за тоа како, растејќи како момче на Средниот Запад, во Охајо, немав примери на постари мажи или спортисти на кои им се восхитував, а кои отворено зборуваа за своите емоции, за заздравувањето од траумите или за тоа како да се справиме со сите чувства што ги доживуваме. Наместо тоа, ако заплачеше, веднаш ти се потсмеваа.

Да. Те исмеваа, те навредуваа и ти припишуваа етикети што не сакаш да ги носиш. На некој начин, те исфрлаа од групата. Не те прифаќаа во друштвото на момчињата додека растеше.

И затоа сметам дека во нашата култура постои огромна количина потисната болка, и кај мажите и кај жените. Очигледно, таа болка е една од причините за големиот стрес со кој се соочува светот денес. Станува збор за длабока општествена болка.

Габор Мате: Ако ми дозволиш малку самопромоција, мојата нова книга се вика „Митот за нормалното: траума, болест и исцелување во токсична култура“. Токму како што кажа, огромниот број трауми со кои се соочуваат луѓето не се само нивен личен проблем. Тие се и показател дека живееме во општество кое целосно ја изгубило рамнотежата.

Кога велам дека општеството ја изгубило рамнотежата, мислам на работите што ги сметаме за нормални. Токму затоа книгата ја нареков „Митот за нормалното“. Сакам да укажам дека она што општеството го смета за нормално, воопшто не е нормално од аспект на човечкиот живот и вистинските човечки потреби.

Луис Хоус: Не е здраво.

Габор Мате: Не е здраво. Затоа зависностите, болестите и психичките нарушувања што ги развиваат луѓето всушност се нормални реакции на една ненормална средина.

Значи, без разлика за каква зависност станува збор, па дури и за онаа крута маска на машкост што се обидуваше да ја носиш извесен период, сè додека не дојде моментот кога таа маска почна да се распаѓа.

Луис Хоус: Постојаната потреба да победуваш, да бидеш најдобар и…

Габор Мате: Но, тоа беше нормална реакција со цел да преживеам.

Луис Хоус: За да преживееш.

Габор Мате: Токму така. Значи, проблемот не бил во тебе, туку во околностите во кои си се наоѓал. Токму на тоа мислам кога зборувам за токсична култура.