Град Скопје демантира дека е пробиен пат на Водно, негира поврзаност на мистериозниот пат низ Водно со гасоводната траса на која се работи, објаснувајќи дека се работи за „постоечка патека/пристапен пат до постоечки имоти (ниви) кој изминатиов период е исчистен (порамнет), се вели во демантот од Градот упатен до здружението Го сакам Водно.
– Многу интересно е што баш сега, пред почеток на зимата, после години и години оставен „непорамнет“, патот наеднаш се срамнил за сопствениците на нивите да дојдат до нив и да ги работат. Се прашуваме што ги навело баш сега на вакво потег? Да не им текнало пченица да садат? Патеката/патот на google earth преку сателитските снимки што ги прават неколкупати годишно не може да го видите ни годинава, ни лани, ни изминатите години, има зеленило на негово место, велат од здружението.
Во соопштението од Град Скопје насловено како демант до здружението Го сакам Водно пишува:
– На 1.11.2018 г. екипи ЈП „Паркови и зеленило“ направија увид во активностите на овој потег, каде е утврдено дека не станува збор за изградба на нов пат, туку станува збор за чистење на патека во должина од околу 550 метри, каде се отстранети гранки, грмушки и камења, со цел да се овозможи пристап до ниви на лицата од МЗ Грчец. Не станува збор за никаков пат или уништување на планината Водно, пишува во демантот од Град Скопје.
Од здружението Го сакам Водно пак велат:
– Ние побаравме од Град Скопје да ни достави записник од ЈП „Паркови и зеленило“ и број на КП на наведените ниви, но не ни доставија. Град Скопје вели патот до ниви водел, затоа се исчистил, порамнил. Би сакале да потенцираме дека на тој потег, најблиската нива се наоѓа на 600 метри воздушна линија од новопробиениот пат. Катастарската парцела на која се наоѓа и трасата и патот се во сопственост на РМ и се во границите на парк-шума Водно. Во парк-шума Водно согласно заштитниот режим забрането е сечење, кршење, откорнување, уништување и собирање на растителниот свет (дрвја и призмена растителност). Забрането е убивање, прогонување и вознемирување на животинските видови, уништување на нивните развојни облици, ларви, јајца, младунчиња, седела, легла и слично. Се забранува обработка на земјиштето надвор од населените места со која би се нанело штета и нарушила целината на заштитената зона. Се забранува раскопување и разнесување на земјиштето на заштитеното подрачје, велат од здружението.
Нива надвор од населено место, а во граници на парк-шума Водно не смее да се обработува, што значи пристапен пат до неа е излишен, додаваат екологистите.
– За секаква активност во границите на парк-шумата Водно, особено за порамнување на пат, за отстранување на гранки, грмушки, како што самите навеле, потребно е одобрение од самите нив, Град Скопје. Поседување на уредна согласност издадена од страна на општина Сарај за оваа активност нема значење кога станува збор за парк-шума Водно, каде надлежност има Град Скопје. Со овој демант градските служби укажуваат на тотално непознавање на сопствените надлежности и правилно управување со парк-шумата Водно, како и неспособност да се справат со самоволие. Доколку предметниот пат нема врска со гасоводната траса, единствена намена која би можел да ја има е полесен пристап за дрвокрадците. Треба ли да се разбудиме еден ден и да видиме голи површини на Водно? За тоа ли се правеа измени на гасоводната траса и се „спасуваа“ 14.000 стебла, за сега некој преку ноќ да ги украде, прашуваат екологистите.
Јасно ни е, се додава натаму, дека Македонија е крајно бирократска држава до степен на баналност, но еднаш мора да се запре со префлање на топката помеѓу градот и општините, извртување на законите, со сивите зони на нерегулирано делување.
– За спречување на ваквите самоволија, бараме најитѕно носење на законот за Водно, но како Lex specialis, специјален закон. Водно нема време за чекање на евалуации и експертизи, од кои на крај ќе остане незаштитено и целосно раскопано. Градоначалникот Петре Шилегов вети ваков специјален закон за Водно, а со оглед на самоволието кое продолжува и трае на падините на Водно, бараме негово најитно носење, бараат екологистите од Го сакам Водно.