Директорот на скопската ЗОО градина Ѓорги Галетановски, кој беше назначен на функцијата од екс градоначалникот Петре Шилегов, си поднесе оставка преку Фејсбук.

За оставката, Галетановски информира на неговиот профил. Еве што напиша:

Другарки и другари,

Сакам да ве известам дека денес поднесувам оставка од работното место директор на Зоо Скопје. Во изминатите три и пол години успеавме рекордно да ја зголемиме посетеноста, да ги изработиме сите проекти кои ги ветивме, донесовме многу нови животни за првпат во нашата држава, а децата добија омилено место за секојдневни прошетки.

Зоолошка градина Скопје стана најпосетена институција во државата, го отворивме и најзелениот Дино Парк со најмногу диносауруси на Балканот со преку 400 дрва и садници. Успеавме да средиме делови од градината кои со години не биле санирани, ги исчистивме езерата после 13 години, ја отворивме Бејби Зоо и направивме живеалишта за фламинга и пингвини по светски стандарди. Организиравме многу хуманитарни акции, помагавме секаде каде што можевме и тоа беше нашата најголема сатисфакција за успех.

Зоо Скопје стана прва дигитализирана зоолошка на Балканот, со своја апликација и онлајн продажба на билети.

Им благодарам на довербата што ми ја укажа екс градоначалникот Петре Шилегов , на сите медиуми, спонзори, донатори, здружениjа за животни, а највеќе на вработените во Зоо Скопје кои ги сакам како мое семејство и со чија помош успеавме да дојдеме на чекор до членство во ЕАЗА (Европска асоцијација на зоолошки и аквариуми). Се надевам дека зоолошката ќе продоложи да се развива и да се прават нови проекти со кои ќе се продолжи успехот на оваа институција.

Јас денес се враќам на улица, достапен во секое време да придонесам за подобра иднина на државата и младите.

Ви благодарам од срце, Ѓ. Галетановски.