Месната заедница од Галичник, му додели Плакета на игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, во знак на голема благодарност за неговите несебични трудови и заложби за запазување на духот на Галичката свадба, како и за постојаната поддршка кон Галичани и кон галичките традиции.
Со голема почит признанието на архимандрит Партениј му го врачи претседателот на Месната заедница, Александар Костиќ.
-Месната заедница Галичник и организацискиот одбор на Галичката свадба, на Архимандрит Партениј од Бигорскиот Манастир му доделуваат плакета, во знак на благодарност за неговата постојана поддршка и заложби кон оваа манифестација, како и заради неговата огромна соработка и вложувањето напори за опстојувањето на овдешните традиции и заживувањето на чудесниот и древен мијачки крај, рече Костиќ при врачувањето на плакетата.
И годинешните младенци на Галичката свадба, Огнен и Марина ги венча архимандрит Партениј пред кого тие се заколнаа на вечна љубов пред Бога.
-Преку врските на љубовта треба да се учите на трпение. Јас ве замолувам и вас, мили Огнен и Марина, а и сите присутни овде, сите православни Христијани воопшто, да се напојувате од Светото Предание на христијанската вера, за браковите да траат докрај, та и нашето општество да биде здраво. Зашто темелите на едно здраво општество се наоѓаат токму во здравиот христијански брак. А ние во Црквата велиме: бракот е мала Црква, порача меѓу другото архимандрит Партениј на чинот на венчавањето.