Неизвесна е лидерската средба што премиерот Зоран Заев ја најави за во петок во Клубот на пратениците, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера соопшти дека не гледа потреба да присуствува на средба на која, како што рече, ќе се разговара за се, а не за тоа што и е потребно на земјава – предвремени парламентарни избори.

Поканата за лидерска средба ја прифатија лидерите на ДУИ и Алијанса за Албанците Али Ахмети и Зијадин Села.

-Господинот Зоран Заев повикува на лидерска средба, а јас ќе одговорам дека не гледам потреба од мое присуство на средба на која ќе се разговара за се, за се и тоа ќе биде алиби, а нема да се разговара за тоа што денес и потребно на Република Македонија датум кога ќе имаме предвремени праламентарни избори, рече Мицоски на прес-конференција во партиското седиште.

Средбата, според него, би била непотребен театар, бидејќи, како што наведе, „покрај оние стенд-ап настапи во Владата и покрај она себехрабрење што го кажува Заев дека секогаш е подготвен да излезе на избори, самиот тој  е соочен со сопствениот страв од дебакл на такви избори“.

Премиерот Зоран Заев вчера во интервју за МИА ги повика сите поканети, меѓу кои и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски да присуствува на лидерската средба, на која, како што рече, веќе ги номинирал темите, но има можност и е отворен и за други теми, да бидат предложени од политичките партии.

-Да не гледаш причини зошто да дојдеш на лидерска средба каде што ќе се зборува за ЈО, а зборуваш за владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата, го кажува сосема спротивното. Тој не е за владеење на правото и за борба против криминалот и корупцијата. Ние докажуваме неприкосновеност во самостојноста на независните органи како што е ЈО и правосудството. Тоа се случува, тоа е наше секојдневие. Не гледам зошто тој не би гледал причина конечно да организираме попис во нашата земја заради тоа што неговата политичка партија додека беше на власт ја направи нашата земја да биде една од ретките заедно со Сомалија и незнам кои, да нема попис, нагласи Заев.

Од ДУИ потврдија присуство на средбата, а вчера вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи изјави дека партијата ќе го претстави ставот дека земјата има потреба од институција што ќе биде фокусирана на борба против корупцијата на високо ниво во политиката.

-ДУИ ќе бара да почне да се реализира иницијативата за ветинг. Сметаме дека тоа е неопходно доколку сакаме враќање на довербата во институциите од страна на граѓаните, но и од страна на институциите на ЕУ и ќе бара да се исполнат сите прашања што ќе ни го отворат патот за добивање датум за почнување на преговори со Унијата, рече вчера Османи по панел дискусијата во МНР.

Поканата на премиерот завчера ја прифати претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села.Од Кабинетот на Села наведуваат дека ќе учествуваат на средбата и оти ќе презентираат свои предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира.

-Добро е што премиерот почнал да ја чувствува вистинската сила на Алијансата за Албанците. Отсекогаш сме мислеле дека вакви лидерски средби треба почесто да се свикуваат кога станува збор за чувствителни државни прашања. Ќе ја прифатиме поканата и сигурно ќе учествуваме во неа со наши предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира, стои во информацијата испратена од Кабинетот на Села.