По речиси шест децении осветлување на европските домови и улици, халогените светилки ќе бидат забранети од 1 септември во ЕУ, пишува Гардијан.
Наместо нив, светло ќе даваат ЛЕД сијалици кои трошат петпати помалку енергија отколку халогените, со чие исфрлување од употреба ќе се спречи емисија повеќе од 15 милиони тони јаглерод годишно.
Префрлањето на ЛЕД ќе ги намали не само штетните емисии, туку и сметките на потрошувачите, индустријата, експертите и активистите за заштита на животната средина.
Халогените сијалици нема да исчезнат во еден момент, останатите залихи ќе можат да се продаваат, а од забраната се изземени нисконапонските сијалици, како оние кои се за рерна.
Компанијата Филипс, водечки производител на сијалици, проценува дека потрошувачите ќе заштедат 124 евра годишно благодарение на префрлањето на ЛЕД сијалиците, кои траат многу подолго од халогените и користат многу помалку енергија.
Преминувањето на ЛЕД го искористија заговорниците на Брегзит како уште еден доказ за мешање од Брисел.
– Настојувањето на ЕУ да ги забрани халогените сијалици е погрешно, бидејќи потрошувачите ќе страдаат финансиски, а најсиромашните секогаш најмногу страдаат од таквите политики. Потрошувачите треба да имаат слобода на избор на сијалици и не треба да им се наметнува ЕУ, вели Џонатан Булок од Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП), член на Комитетот за енергија во Европскиот парламент.
Експертите укажуваат дека халогените сијалици се поевтини од ЛЕД, но дека трошоците за струја се многу повисоки, додека ЛЕД сијалицата се отплати за една година.
Халогени сијалици, исто така, траат само две години во просек, додека очекуваниот век на ЛЕД светилките е 15-20 години.
Просечно британско семејство има десетина халогени сијалици, од кои секоја се користи околу три часа на ден, покажува некоја претходна студија.
Голема е и цената на штетните емисии. Во потрошувачката на енергија зградите учествуваат со околу 40 проценти, а осветлувањето околу 15 отсто, па јаглеродниот отпечаток е поголем од воздушен и поморски транспорт заедно.