САД не се спротивставуваат на разговорите за размена на територија меѓу Србија и Косово, но тоа не значи дека Вашингтон на крајот ќе го поддржи таквиот договор, пишува денеска лондонскиот весник Гардијан.
Повикувајќи се на два извори запознаени со размислувањето на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, весникот наведува дека новата политика на Вашингтон е да „нема црвени линии, но да нема ниту бланко чекови“.
Според Гардијан, тоа значи дека САД се подготвени да го разгледаат секое решение, вклучувајќи ја и промената на границите, што не мора да значи дека и ќе го прифатат на крајот евентуалното решение.
И покрај тоа што германската канцеларка Ангела Меркел се противи на промената на границите, некои европски претставници искажаа став дека се подготвени да го поддржат договорот кој вклучува промена на границите.
Гардијан наведува дека клучното прашање е како Русија ќе се изјасни. Српскиот претседател Александар Вучиќ во следните месеци треба двапати да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а Москва досега даде малку знаци оти е подготвена да се откаже од противењето на независноста на Косово.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, истакна дека Белград и Приштина треба сами да се договорат, додавајќи оти „договорот мора да ги одразува интересите на српскиот народ“ за да го поддржи Русија.
Гардијан наведува дека Захарова одбила да објасни како Русија ќе процени кои се српските интереси.