Апсолутен хаос настапи во спортската програма на Би-Би-Си изминатиов викенд, откако медиумот го суспендираше Гери Линекер за критикување на британската Влада. Тој критиката ја соопшто на својата 9-милионска публика на Твитер, а станува збор за илегални мигранти кои пристигнуваат преку Ла Манш во Британија.

Во знак на солидарност со поранешниот легендарен фудбалер, многу водители и аналитичари одбија да ги извршуваат своите обврски на Би-Би-Си. Ова предизвика потреси во телевизиската програма за време на викендот, па дури доведе и до тоа некои спортски преноси да бидат укинати.

Бојкотот на новинарите дури го прекина и преносот на водечката фудбалска емисија на Би-Би-Си „Меч на денот“, чиј водител е Линекер. Поранешниот напаѓач кој има постигнато 48 гола за Англија, ги покрива спортските вести од 1999 година. Големите имиња како Алан Ширер и Јан Рајт, исто така, се повлекоа од должноста како поддршка на нивниот колега. Други фудбалски програми како Фудбалски фокус и Конечен резултат, како и некои радио станици, беа принудени да се исклучат како резултат на масовниот протест на вработените.

Линекер го критикуваше контроверзниот нов предлог-закон на Владата, претставен од министерката за внатрешни работи Суела Браверман. Тој предвидува дека мигрантите кои илегално влегле во земјата не само што ќе бидат одбиени за азил, туку и уапсени и депортирани назад во нивната татковина. На социјалната мрежа на Илон Маск, 62-годишната фудбалска ѕвезда напиша дека ова е неизмерно сурова политика кон најранливите луѓе, на јазик кој не е различен од оној на нацистичка Германија во 1930-тите.

Споредбата доведе до тоа Линекер да биде отпуштен од функцијата презентер за викендот, бидејќи Би-Би-Си во соопштението наведе дека неговите твитови ја нарушуваат заложбата на медиумот за непристрасност. Мерката беше најавена како привремена додека компанијата не постигне договор за користење на социјалните мрежи на „правилен“ начин. Сепак, одлуката доведе до обвинувања за цензура.

Во саботата, за време на натпреварот на Лестер Сити против Челзи, публиката на стадионот на Лестер држеше плакати за поддршка на Линекер.

Набргу потоа, извршниот директор на телевизијата Тим Дејви се извини и објави дека се обидува да го врати во етерот едно од најпрепознатливите лица во спортот. „Да бидам јасен – го имаме најдобриот водител на светот. Сакаме да бидеме сигурни дека тој ќе се врати во етерот и работиме на тоа да се случи. Меѓутоа, за да продолжиме напред, сакам да имаме практично решение за проблемот“, рече Дејви.

Линекер рече дека не може да коментира како ќе се развива ситуацијата, но увери дека нема да го повлече кажанотово однос на мигрантите кои бараат азил во ОК.

Контроверзниот предлог-закон беше објавен во вторникот. Против него се изјаснија Обединетите нации, како и други светски организации поврзани со заштитата на човековите права.