Гасоводот „Северен тек 2“, што транспортира руски гас во Германија, би можел да добие германска лиценца за работа кон средината на годината, изјави Клаус-Дитер Мајбах, извршен директор на германскиот косопственик на проектот, компанијата „Унипер“.
Гасоводот, изграден од концернот предводен од руски „Газпром“, беше завршен во септември минатата година и се чека конечна дозвола од германскиот регулатор.
„Bundesnetzagentur“ го суспендираше процесот на издавање дозволи кон крајот на минатата година, барајќи од операторот на гасоводот да регистрира филијала во Германија која треба да поседува дел од гасоводот на германска територија. Тие додаваат дека нема да донесат одлука во првата половина на 2022 година.
Ова дополнително ги влоши веќе заладените дипломатски односи поради заканата од отворен конфликт меѓу Русија и Украина, поттикнувајќи шпекулации дека гасоводот може да се користи како лост за притисок врз Москва.
-Не гледам трага на политичко мешање, мрежната агенција ги разгледува случаите според планот. Дозволата би можела да биде издадена во средината на 2022 година. „Северен тек 2“ е важен, изјави шефот на германската енергетска компанија „Унипер“, што е меѓу петте европски енергетски компании кои платија половина од 11 милијарди долари за трошоците за изградба на „Северен тек 2“, заедно со германската „Винтершал Деа“, британската „Шел“, австриската „ОМВ“ и француската „Енџи“.
-Секоја можност за увоз помага да се ублажи состојбата на пазарот на гас. Се разбира, постојат политички ризици – доколку конфликтот меѓу Русија и Украина се интензивира, гасоводот може да стане цел на американски санкции, нагласи шефот на „Унипер“.