Обединетите нации, Европската унија и Русија ги повикаа Палестинците и Израелците да ја запрат брзата ескалација на насилства во Газа во последните 24 часа.
– Нова војна во Газа би била неверојатна трагедија. Мораме да ја избегнеме по секоја цена, изјави синоќа во Париз генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Специјалниот координатор на ОН за блискоисточниот мировен процес Николај Младенов тесно соработува со Египет и сите заинтересирани страни за брзо смирување на ситуацијата, соопшти портпаролот на Гутереш.
Неименувани дипломатски извори за израелски медиуми наведуваат дека ситуацијата многу ќе се влоши доколку обете страни не покажат „максимална воздржаност“.
Амбасадорот на ЕУ во израел Емануле Жафро ги оцени како неприфатливи нападите врз цивили, истакбувајќи дека „сите мора да отстапат од работ на амбисот“.
Руското Министерство за надворешни работи оцени дека ситуацијата е опасна бидејќи може да доведе до голема воена операција и хуманитарен колапс во Газа. „Москва со длабока загриженост гледа на таа опасна ескалација“, наведе руското МНР, дополнувајќи дека го смета Израел одговорен за најновото заострување, „испровоцирано од израелската воена операција во Газа во недела навечер“.
Од друга страна, високиот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Џејсон Гринблат смета дека исламистичко екстремистичкиот Хамас го принудил Израел на воена акција со испукувањето проектили. Гринблат, кој ги предводи напорите за обнова на мировните преговори меѓу Израелците и Палестинците кои се во застој од 2014 година, на Твитер напиша дека светот се „заморил од насилството на Хамас и насилствата на другите лоши актери во Газа“.
Палестинските екстремисти вчера испукаа над 300 ракети и минофрлачки проектили како одмазда на нападот од неделата, во кој загинаа седуммина припадници на Хамас и еден израелски потполковник.
Израелските лидери најавија остар одговор, па синоќа израелската армија ги бомбардираше студијата на телевизијата на Хамас „Ал Акса“ во Појасот Газа. Очевидци тврдат дека во ударите е уништена целата зграда и оти експлозиите го осветлиле небото. Вработените биле евакуирани, но не е познато дали има жртви.
Израелската авијација вчера го бомбардираше хотелот „Амал”, кој го користат вработените во палестинското Министерство за внатрешни работи, во центарот на градот Газа. Според првичните извештаи, во нападот нема жртви, но зградата е целосно уништена.
Во меѓувреме, арапска телевизија објави дека израелските воздухопловни сили нападнале едно од седиштата на палестинските структури во централниот дел на Газа и целосно го уништиле.
Од друга страна, израелските спасувачки служби соопштија дека едно лице загинале, а најмалку 53 се повредени во ракетната стрелба од Појасот Газа кон Израел. Телот на 40-годишен маж било извадено од под урнатините на зграда во градот Ашкелон, во јужниот дел на Израел.
„Од 16.30 до 01.15 часот по локално време спасувачите укажаа помош на 53 ранети, од кои двајца се во критична здравствена состојба – еден војник и една 60-годишна жена“, се наведува во соопштението на израелската Служба за итна помош.
Израелската армија објави дека од синоќа, израелските борци, борбени хеликоптери, беспилотни летала и тенкови погодиле повеќе од 70 цели на движењата Хамас и „Исламски џихад“ во Појасот Газа како одговор на масовното гранатирање од палестинските енклави против израелските градови, при што се истрелани најмалку 300 ракети и проектили.
Палестинскиот лидер Махмуд Абас вчера ја повика меѓународната заедница веднаш да интервенира во ситуацијата во Појасот Газа и да ја прекине „израелската агресија”.
Најмалку седум Палестинци, меѓу кои и локален командант на Хамас и еден израелски војник, се убиени во вчерашните судири во јужниот дел на Појасот Газа, јави ДПА, повикувајќи се на изјави на официјални лица.
Официјален претставник на Хамас изјави дека насилството избило откако било пукано во група вооружени лица од автомобил во движење, во сопственост на израелските безбедносни сили. Израелските сили ја следеле групата Палестинци, а очевидци рекоа дека израелската авијација испукала повеќе од 40 ракети во таа област.
Според медицинските лица, седум лица се убиени, вклучувајќи го и командантот на Хамас Нур Барака.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја прекина посетата на Париз и веднаш се упати кон Израел по избивањето насилства долж границата со Појасот Газа, соопшти синоќа неговиот портпарол.
Како последица на насилствата, запрени или пренесочени се летовите од меѓународниот аеродром Бен Гурион, кој е во полето на дострел на ракетите на палестинските екстремисти во Појасот Газа.