Шефот на Здружениот штаб на американската армија генерал Марк Мили, изјави дека Авганистан може да биде на раб на граѓанска војна.

„Мојата воена проценка е дека најверојатно ќе се развијат услови за граѓанска војна“, изјави Мили за Фокс њуз во воздухопловната база Рамштајн во Германија.

„Не знам дали талибанците ќе можат да ја консолидираат моќта и да воспостават управување. Таквиот развој на настаните може да доведе до искористување на терористички групи од вакуумот за моќ во Авганистан“, предупреди Мили.

Стравот, рече тој, е дека Ал Каеда ќе се прегрупира, екстремистите на ИД ќе го прошират своето влијание, или „ќе се шират други огромен број терористички групи“.

„Може да видите повторно оживување на тероризмот од тој регион во рок од 12, 24, 36 месеци. И ние ќе го следиме тоа”, нагласи тој.