Делегација на германската фабрика „Гересхајмер“, предводена од потпретседателот Оливер Бургел, на средба со Зоран Заев ги презентирала плановите за инвестиции на компанијата во земјава, при што најавила и втор инвестициски циклус за производство на стаклени шприцеви за медицински цели, информираше вечерва владината прес-служба.

Средбата, како што соопштуваат, е во пресрет на утрешното официјално отворање на фабриката „Гересхајмер“ во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2.

Заев, велат од Владата, ги поздрави заложбите за инвестиции на „Герeсхајмер“ во земјава, кои значат имплементирање на врвна технологија и нови добро платени вработувања, што ќе влијае на севкупниот економски раст.

-Првиот инвестициски циклус на „Гересхајмер“ е петгодишен и започна во 2019 година, а се очекува да заврши до 2024 година со инвестиција од најмалку 25 милиони евра. Како резултат на добрата деловна клима во земјата и поддршката на Владата, делегацијата на германската „Гересхајмер“, на средбата во Влада најави и втор инвестициски циклус за производство на стаклени шприцеви за медицински цели. Според најавите, втората ќе биде најголема странска инвестиција досега реализирана во една фаза, стои во соопштението од Владата.

„Гересхајмер“ е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика.  Во првата фабрика на „Гересхајмер“ во Македонија се произведуваат пластични системи за фармацевтската индустрија. Производството е мехатроничко – со високо автоматизирани машини.