Граѓанска односно тн. герила акција се случи изутринава пред седиштето на администрацијата на градоначалникот Петре Шилегов и на Град Скопје.
Граѓани оставиле три најлонски црни вреќи „полни“ со апетисани за градоначалникот и градските власти, што асоцира на тендерите за набавка на лешници, бадеми и кикирики.
Деновиве Град Скопје купи 250 кг апетисани – фстаци, бадеми, лешници, индиски ореви, кикирики. Според техничката спецификација, преку Бирото за јавни набавки, пакувањата на јаткаските производи треба да бидат од 100 до 500 грама. Од градскиот буџет ќе се исплатат 60 килограми фстаци, 90 кила бадеми, 55 килограми лешници и по 30 килограми кикирики и печени индиски ореви. Или вкупно 265 килограми апетисани, кои чинат речиси 3.000 евра, пренесе СИТЕЛ.
Според набавената количина Градската управа месечно ќе може да троши по 11 килограми апетисани. Набавката се однесува за две години. На тендерот имало само еден понудувач. Освен ова, градот набавува и сувомесни производи и тоа свинска и телешка печеница, виршли и салами, врат, колбасици и вакумирани пилешки гради.
Од млечни производи овчо и кравјо сирење, јогурт со висока масленост, путер, овчи кашкавал и млеко. Конзерви риба и нарезак, јајца, ајвар, мед мармалад , а набавени се количини и од овошје и зеленчук. Од Град Скопје велат викендов ќе ја анализираат набавката и во понеделник ќе одговорат за што ќе се користат сите овие производи.
Вкупната вредност на целиот договор е над 21 илјада евра.