Германската економија претрпе огромни штети од почетокот на пандемијата, соопшти денеска Институтот за германска економија (ИВ) во Келн.
– Од почетокот на пандемијата, германската економија загуби 350 милијарди евра додадена вредност, главно поради драстично намалената приватна потрошувачка, се вели во извештајот на ИВ кој го пренесуваат германските медиуми.
Според прогнозата, дури и ако БДП ги достигне нивоата пред пандемијата до крајот на 2022 година, останува „огромна разлика“ во споредба со претпоставката ако пандемијата никогаш не се случеше.
– Јазот создаден од падот на додадената вредност и приходите ќе се пополни само ако бидеме сведоци на силен економски раст во наредните години, се вели во извештајот на ИВ.
Сепак, како што дознава германската новинска агенција ДПА од владини извори, новата Влада за тековната година смета на економски раст од само 3,6 отсто. Претходната Влада уште во септември поаѓаше со стапка на економски раст од 4,1 за 2022 година.
Во 2021 година е забележан економски раст од 2,7 отсто, откако во 2020 година е намален за 4,6 отсто.
Според пресметките на ИВ, во последните две години пандемијата предизвика намалена приватна потрошувачка од 270 милијарди евра поради мерките за затворање и тешкотиите во испораката на стоки.
Економистите од ИВ забележуваат и „промена во однесувањето“ кај потрошувачите.
– Граѓаните се плашеа да одат во кина и ресторани поради страв да не се заразат, дури и кога тоа беше повторно можно. Парите наместо тоа завршија во заштеда, вели Мајкл Громлинг, автор на анализата на ИВ.
Таканаречените Економски мудреци, група претставници на водечките германски економски институти, оценуваат дека по нормализирањето на состојбата со протокот на стоки, може да дојде до ненадејно ослободување на инвестициите и потрошувачката, што може позитивно да влијае врз брзо закрепнување на економијата.