Германската Влада одобри нацрт-стратегија за подобрување на квалитетот на храната во мензите, како во училишните така и во индустриските кујни.
Оваа замисла потекна од германскиот министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир од Партијата на зелените. Тој вели дека сака да обезбеди квалитетна и здрава храна на секој жител на Германија, без разлика на нивниот приход и образование.
– Компаниите, училиштата и факултетите треба да имаат клучна улога во остварувањето на таа цел. Заедничките места за храна треба да бидат места каде што луѓето се во допир со квалитетни, вкусни и здрави оброци, рече Оздемир.
Нацрт-стратегијата за храна, што треба да биде усвоена до крајот на следната година, предвидува во иднина мензите при подготовката на храната да ги следат препораките на Германското друштво за исхрана. Тоа вклучува повеќе сезонска храна од околното производство, по можност од производители кои се придржуваат до биостандарди.
Натамошна цел е да се намали и месото во исхраната, како и шеќерот, мастите и солта во готовите прехранбени производи. Меѓу целите е и да се намали количината прехранбени производи кои завршуваат во отпад.
Дополнително, планирано е да се забрани рекламирањето нездрава храна во содржини коишто се однесуваат на деца под 14-годишна возраст.