Германската влада, која, наведена од руската инвазија на Украина, започна да ги зголемува инвестициите во одбраната, планира да купи израелски противракетен штит, пишува денеска весникот Билд.
Одлуката не е официјално донесена, но е поддржана од Социјалдемократската партија на канцеларот Олаф Шолц, главната партија во владејачката коалиција, пишува најчитаниот германски дневен весник.
– Треба подобро да се заштитиме од руската закана. За тоа брзо ни треба антиракетен штит во Германија, изјави за Билд известувачот на Бундестагот за воениот буџет Андреас Шварц.
Тој рече дека израелскиот систем Arrow 3 е добро решение, зборувајќи за израелскиот противракетен систем наменет да се спротивстави на ракетите со долг дострел.
Според Билд, системот инспириран од израелската „железна купола“ би чинел околу две милијарди евра и би можел да биде оперативен од 2025 година на две локации во Германија.
Штитот би бил доволно силен за да ги покрие Полска, Романија и балтичките земји.
– Вака можеме да ја развлечеме железната купола над нашите соседни земји. Ова ќе игра клучна улога за безбедноста во Европа, потенцира Шварц.
По неколку години намалени инвестиции во армијата, Германија на крајот на февруари направи историска пресвртница поради руската инвазија на Украина.
На 27 февруари, неколку дена по почетокот на руската офанзива, канцеларот Олаф Шолц најави дека ќе одвои вонредна сума од 100 милијарди евра за модернизација на војската, а целта е да се надмине два отсто од БДП за воени трошоци.