Германската Влада првпат одобри рекорден извоз на оружје вреден повеќе од осум милијарди евра (8,9 милијарди долари) во 2019 година, покажуваат официјалните податоци. Вредноста на дозволите за извоз се зголемила од 4,824 милијарди евра во 2018 година, на 8,015 милијарди евра лани, според информациите на германското Министерство за економија, објавени по барање на Зелените.
Од одобрениот извоз, 32 отсто е поврзано со оружје, а остатокот со воена опрема.
Германија уште кон средината на минатиот месец го надмина рекордот од 7,8859 милијарди евра, достигнат во 2015 година, но неодамнешните бројки објавени од страна на ДПА ја покажуваат вредноста на одобрените договори за одбрана за целата година.
Одобренијата за извоз на оружје во земји надвор од Европската унија и НАТО, кои во некои случаи беа контроверзни поради стравувањата од злоупотреби на човековите права, се зголемија за речиси една милијарда евра.
Ваквите зделки за одбрана претставуваат 44,1 отсто од вкупните, споредено со 52,8 проценти претходната година.
Новиот рекорд за 2019 година може да предизвика уште поголеми контроверзии во германската коалициска Влада, во која новоизбраното раководство на социјалдемократите (СДП) не се согласува со извоз на оружје во зони на конфликти.