Бугарија додека тврдеше дека го остранува ветото нејзиното Народно собрание всушност ги зацврсти бугарските претензии кон Македонија, пишува угледниот германски весник Франкфуртер алгемајне цајтунг во анализата под наслов Бугарското вето по ветото.
– Парламентот во Софија со големо мнозинство, формално гласаше за отстранување на ветото. Но во ставот беа приклучени услови кои всушност значат ново вето. Владата во Скопје го сфати тоа и ги одби бугарските барања. Со тоа, почетокот на преговорите со ЕУ за Северна Македонија е исто толку неверојатен како и претходно. Маневрот во Софија повеќе делува како некаква бугарско-француска измама, која ќе ја тргне Бугарија од фокусот на критиките, а Франција, на крајот на своето претседавање со ЕУ, ќе може да прикаже барем некаков успех во политиката на проширување на ЕУ на Балканот, пишува германскиот весник ФАЦ.
Во анализата се потенцира француската улога во македонските интеграции и потегот на официјален Париз од 2019 кога беше воведена нова методологија и блокирани македонските интеграции.
За барањата на официјална Софија, ФАЦ пишува дека засегаат директно во идентитетот нарекувајќи ги застарени апсурдни претензии.
Тоа е суштината на бугарскиот став: Тој во голема мерка ги засега идентитетските прашања и всушност бара самооткажување од Македонците, и затоа ниту една влада во Скопје не може да го прифати, објави ФАЦ.
Весникот констатира дека со овие позиции на Бугарија, ветото за Македонија уште долго ќе остане на сила.