Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус ќе престојува денеска во Косово, каде што ќе се сретне со претседателката на државата, Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и министерот за одбрана Ејуп Маќедонци, јави дописникот на МИА од Приштина.

За време на посетата Писториус ќе биде придружуван од пратеници во Бундестагот и од германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде.

Средбата со Османи ќе се одржи во претседателскиот кабинет со почеток во 11:00 часот, по што ќе се одржи и конференција за медиуми, додека средбата со Курти е закажана за во 12:30 часот во Владата на Косово.

Германскиот министер во Министерството за одбрана ќе биде примен од неговиот колега, Маќедонци во 13:30 часот со официјална церемонија, со учество на церемонијалниот вод на Безбедносните сили на Косово, по што министрите за одбрана и соодветните делегации ќе одржат билатерална средба.

По завршувањето на закажаните средби во Министерството, дневната агенда ќе продолжи во Меѓународниот центар за потрага и спасување, во Помозатин, каде што двајцата министри за одбрана ќе се информираат за професионалните капацитети и техничката опременост на овој Центар.

фото: ЕПА