Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас од денеска е во карантин, откако беше утврдено дека еден од неговите телохранители e позитивен на тестот за коронавирус.

„Иако првиот тест на министерот покажа дека Мас е негативен, министерот ја откажа планираната посета на Јордан“, се наведува во соопштението на германското министерство, пренесува Ројтерс.

„Министерот за надворешни работи Мас беше ставен во карантин, откако член на неговото обезбедување беше заразен со Ковид-19“, се вели во соопштението.

Веста за Мас следи само еден ден откако беше одложена средбата на лидерите на ЕУ, бидејќи претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел беше ставен во карантин поради контакт со заразено лице.