И по усвојувањето на уставните измени може да има блокади од Бугарија за Македонија, но не за францускиот предлог, туку за владеење на правото, екологијата, корупцијата и слично, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во интервјуто за МИА.
– Но, наша задача е да се осигураме дека доколку има блокади во иднина, дека таа се јавува затоа што земјата не направила исчекор околу владеењето на правото, затоа што законодавството за животната средина не било спроведено, затоа што борбата со корупцијата не била доволна. Со други зборува, да не се фокусираме на билатералните прашања, туку на клучните реформи што се потребни за државата да може да стане дел од Европската Унија, тоа е нашата одговорност, вели Гир.
Ставот на Брисел е дека „договорот што го постигнавте со Бугарија беше најдобриот договор што можеше да се склучи во тие услови“. Гир вели дека во компромис никој не е целосно среќен, но преговарачката рамка ја гледа како компромис.
– Договорот ѝ овозможи на државата да ги остави проблемите од минатото зад неа и да се придвижи напред, фокусирајќи се на нештата на коишто навистина треба да се фокусира, како што се различните реформи, кои претставуваат брза лента до ЕУ. Колку побрзо ги спроведете реформите, толку побрзо ќе станете дел од ЕУ, додава Гир.
Тој порачува дека политиката треба да се тргне од правосудството, Владата и политичките партии да покажат волја дека се подготвени за тоа, но и судиите дека се подготвени независно да ја вршат својата работа.
-Сите внимателно ги следевме настаните во Судскиот совет минатите месеци. Некои зборуваат многу отворено за ова, ние зборуваме отворено и сме многу загрижени. Која е обврската на Судскиот совет? Обврската на Судскиот совет е да ја заштити независноста, професионалноста и интегритетот на судиите, но некои од настаните во Судскиот совет покажуваат дека Советот не може да го направи тоа. Па, како знак на нашата загриженост, затоа што овој орган е клучен кога станува збор за владеењето на правото, одлучивме да испратиме оценска мисија, рече Гир.
Евроамбасадорот се надева дека препораките што ќе произлезат од мисијата, би требало да го зајакнат Судскиот совет да си ја врши својата обврска.