Политиката да се тргне од правосудството, Владата и политичките партии да покажат волја дека се подготвени за тоа, но и судиите дека се подготвени независно да ја вршат својата работа, порачува во интервју за МИА евроамбасадорот Дејвид Гир.
-Вие може да ја имате најдобрата Оценска мисија во светот со одлични препораки, но зависи од политичката волја на Владата и на партиите, како и од волјата на судиите дали на судството ќе му биде дозволено да си ја врши работата, вели Гир.
Нагласува дека Делегацијата внимателно ги следи случувањата во Судскиот совет, отворено говори за нив и е загрижена.
-Сите внимателно ги следевме настаните во Судскиот совет минатите месеци. Некои зборуваат многу отворено за ова, ние зборуваме отворено и сме многу загрижени. Која е обврската на Судскиот совет? Обврската на Судскиот совет е да ја заштити независноста, професионалноста и интегритетот на судиите, но некои од настаните во Судскиот совет покажуваат дека Советот не може да го направи тоа. Па, како знак на нашата загриженост, затоа што овој орган е клучен кога станува збор за владеењето на правото, одлучивме да испратиме оценска мисија, вели Гир.
На прашањето на МИА што ќе работи мисијата и што ќе биде со нивните наоди и препораки, односно дали очекува таа да ги подобри работите во судството, Гир вели препораките што ќе произлезат од мисијата, би требало да го зајакнат Судскиот совет да си ја врши својата обврска, која, вели, е да ја заштити независноста, интегритетот и професионалноста на судиите.
-Ова буквално значи дека испраќаме луѓе на исти позиции, значи судии, луѓе кои биле дел од судските совети на различни земји членки на ЕУ, да дојдат, да видат каква е ситуацијата, да го разгледаат законодавството за да видат дали има одредени слабости кога станува збор за транспарентност, кривична одговорност, да се сретнат со сите засегнати страни со цел да видат како е спроведено, и потоа да дадат препораки кои би требало да го зајакнат Советот за да си ја врши својата обврска, која, како што кажав, е да ја заштити независноста, интегритетот и професионалноста на судиите, нагласи евроамбасадорот Гир во интервју за МИА.