Сите сакаме да го видиме отворањето на преговорите што е можно побрзо, но мора да останеме со чисти глави. Основите не се променети, заложбите од Солун се јасни и живи. Регионот на Западен Балкан е дел од Европа, неговото минато, сегашност и иднина се поврзани со ЕУ и логично е дека неговата иднина е во ЕУ. Да не забораваме, тоа е стратешка цел и на ЕУ, порача денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, на првиот Скопски економски форум.
Напорите на претседателството на ЕУ за надминување на моменталната состојба, посочи Гир, направија значителна работа и сега, нагласи тој, треба сите да останеме ангажирани.
– Бидејќи секогаш повикуваме владите да ги решат проблемите билатерално, треба да ги признаеме и искрените напори, што беа напревни во изминатиот период. Напредок е направен, но работата мора да продолжи, што е можно побрзо и задачата сега ќе премине на словенечкото претседателство за придвижување и решавање на ова прашања, со цел да се отворат преговорите, што е можно побрзо, изјави Гир.
Ова, нагласи Гир, не треба да влијае на реформите, бидејќи патот кон ЕУ е пат на реформи и со нивното спроведување прво – Македонија дополнително се приближиува до ЕУ и второ – со самото отворање на преговорите секоја преземена реформа го прави патот кон целосно членство пократок.
– Реформите не се само во интерес на ЕУ, туку во интерес на граѓаните, за посигурна, просперитетна и демократска земја, како и за спречување на одливот на млади мозоци. Ниту една земја не може да си дозволи да не продолжи со реформите во овој свет, каде имаме зелена револуција и работните места треба да бидат прилагодени на моменталните потреби, каде треба да искористиме повеќе од дигиталните можности и да ги интегрираме економиите во економијата на ЕУ, посочи Гир.
Македонија, продолжи евроамбасадорот, направи значителен напредок во реформите како владеење на правото, борбата против корупцијата, демократијата и добрите меѓусоседски односи.
– Европската унија е тука и Ве поканувам да посетите било кој град или село во земјата и ќе ја видите поддршката за ЕУ, речиси во секој сектор. Ние сме тука и ќе продолжиме да даваме поддршка. Повеќе од 100 милиони евра помош се трошат годишно за поддршка на реформските процеси во С. Македонија. Кога ЕУ правеше план за заздравување од пандемијата, го вклучи и Западниот Балкан, ставајќи на маса економски и инвестициски план за заздравување на регионот, изјави Гир.
Економските бројки, нагласи, покажуваат колку е голема меѓусебната поврзаност.
– Околу 68 проценти од размената на регионот е со ЕУ, како и 60 проценти од странските директни инвестиции, посочи Гир.