Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ повторно е сместен во имиграциски притвор во Мелбурн каде ќе остане до официјалното сослушување на кое ќе биде одлучено дали ќе остане во Австралија или ќе биде депортиран, откако вчера втор пат му беше укината визата.
На подготвителното рочиште, одржано изминатата ноќ, судијата Дејвид О”Калахан го закажа сослушувањето пред австралискиот Федерален суд за вечерва во 23:30 по средноевропско време.
Судијата го прифати барањето на адвокатскиот тим на Ѓоковиќ одлуката да ја донесе тричлен совет, во кој покрај О”Калаган, ќе бидат и судијата Ентони Бесанко и врховниот судија Џејмс Алсоп.
Одлуката на тричлениот судски совет ќе биде правосилна.
Ѓоковиќ ноќта ќе ја мине во истиот имиграциски притвор во кој беше сместен минатата недела кога првпат му беше укината австралиската виза.