Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ денеска на Инстаграм детално објасни зошто не бил во изолација откако бил позитивен на тест за Ковид-19 во декември, и рече дека неговиот агент направил грешка кога ја пополнил неговата декларација за патување во Австралија.
– Сакам да нагласам дека вложив сериозни напори за да ја осигурам безбедноста на сите и да ги почитувам обврските за тестирање, напиша Ѓоковиќ на својот Инстаграм профил.
Ѓоковиќ на Инстаграм профил напиша дека се обраќа поради континуирани дезинформации за неговите активности и присуство на настани.
– Овие дезинформации мора да се коригираат, особено во интерес да се ублажат реакциите на јавноста за мојот престој во Австралија, како и да се разјаснат работите кои се штетни и загрижувачки за моето семејство, напиша тој.
Српскиот тенисер додаде дека се трудел да ги заштити сите околу него и оти се придржувал на тестирањето за коронавирусот.
– Присуствував на кошаркарски натпревар во Белград на 14 декември (Црвена Звезда – Барселона), по што пристигна информација дека голем број луѓе се позитивни на коронавирусот. Иако немав никакви симптоми, на 16 декември направив брз антигенски тест кој беше негативен. Тој ден направив и ПЦР-тест, следниот ден бев на тениски настан во Белград за да им дадам награди на децата и пред да заминам направив нов антигенски тест кој беше негативен, се чувствував добро, а позитивен ПЦР тест добив дури после настанот, напиша Ѓоковиќ.
Тој изјави дека следниот ден, на 18 декември, во неговиот тениски центар во Белград дал интервју за францускиот весник E’kip и дека тоа го направил за да не ја разочара новинарката.
– Гледав да држам пропишана дистанца и постојано носев маска, освен кога се сликав. После тоа отидов дома да се изолирам. Кога ќе размислам сега, грешка беше да се прифати интервјуто, кое мораше да се одложи, додава Ѓоковиќ.
Во врска со неговата декларација за патување во Австралија, во која треба да се наведе дали патувал во рок од 14 дена по пристигнувањето во земјата, тој рече дека неговиот агент несвесно штиклирал погрешно поле на формуларот.
– Што се однесува до мојата декларација за патување, таа беше поднесена од мојот тим за поддршка во мое име, како што им кажав на службениците за имиграција при пристигнувањето, а мојот агент искрено се извинува за административната грешка во која штиклираше погрешно поле за моето претходно патување пред да дојдам во Австралија“, напиша Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ изјавата ја дава во време кога австралискиот министер за имиграција Алекс Хок размислува дали да му ја одземе визата пред Австралија опен, кој започнува на 17 јануари, поради контроверзите околу тоа дали светскиот тенисер број еден има право на медицинско изземање. Од кабинетот на Хок соопштија дека адвокатите на тенисерот доставиле многу информации во врска со неговата виза, а тоа ќе влијае на времето потребно за министерот да одлучи дали ќе ја укине визата.