Македонската одбојкарска легенда Владимир Ѓорчески-Ципа се радува заедно со целокупната македонска јавност за прикажаните игри и резултатите на репрезентацијата на Европското првенство. Двете историски победи според него се голем успех со оглед дека со години наназад во одбојката во целата држава нема добри состојби. Ѓорчески вели дека мора да се работи на создавање на нови играчи кои би ги продолжиле успесите.
– Ова е историски настан за одбојката во Македонија. Прв пат учество на Европско првенство и со добри резултати. А со оглед каква е одбојката во Македонија ова се неверојатни резултати. Секоја чест на момците, одиграа квалитетно можеби се надминаа и себеси на овие натпревари. Ако се види што се случува во Македонија воопшто со одбојката, ќе се види дека е ова еден инцидентен резултат не е плод на некоја долгорочна работа. За тоа што толку е ниско падната одбојката во Македонија, ова не било никогаш. Не знам ни колку има екипи во таа Прва лига и тоа е се што постои од екипи во Македонија. Нема Втора лига некоја, младинска лига. Ова е плод на некоја индивидуална работа, сплет на некои среќни околности да се појавата неколку играчи што се добар квалитет и да се вклопат во таа репрезентација, вели Ѓорчески.
Тој апелира на заживување на „одбојкарските“ центри кои во минатото продуцираа многу играчи.
– Таа ерозија на спортот и на одбојката е почната 10-15 години наназад и пак ќе кажам ова е сплет на такви околности. Струмица има неколку ентузијасти што се нафатија и работат со одбојката и од таму излегоа тие играчи. И пак среќа што тие играчи што играат во странство каде што може да имаат квалитетен тренинг и натпревари и да се натпреваруваат. Нашата лига знаете на што е сведена, нема екипа ниедна. Не е само Тетово како центар. Згасна и Скопје како центар, згаснаа Велеси и Прилеп. Остана само Струмица како светол пример ентузијасти што работат ама пак е тоа повеќе од ентузијазам отколку план за работа и развој на спорот. Тетово на времето паметам имаше 15 екипи минимум, што се натпреваруваа во разни натпреварувања. Сега нема ниедна екипа. Скопје имаше во таа бивша југословенска лига 12 екипи. Во прва лига имало две сигурни екипи што биле, Вардар и Работнички, а имало и период кога имало и други две екипи, Велес и Струмица. Четири екипи играле во Прва сојузна југословенска лига. Сега имаме шест екипи или осум во цела Прва лига. Тоа е поразителен показател. Затоа велам дека ова е многу добар резултат, ама што понатаму. Ете Георгиев и целата генерација, ќе престанат да играат, кој ќе ги замени ? За да направиш репрезентација некоја треба да имаше база некоја, деца да има, екипи кои ќе излегуваат да играат. А со шест-осум екипи како ќе се изведе. Ако една екипа има во просек 10 до 15 играчи, тоа 100 играчи кои играат одбојка. Еден од нив ќе излезе репрезентативец. Како ќе создадеш репрезентација. Треба да има 1000-2000 играчи за да се извади 20-30 квалитетни играчи. Квалитет се прави во клубови во екипи, а не во школи за одбојка каде родителите плаќаат учество.Само екипата прави селекција, а не да зависи од родителите кои купуваат патики и тренерки.
Ѓорчески како клучни фактори за успехот на македонската репрезентација ги посочува сплотеноста, силниот мотив за успех, максималната борбеност.
– Секоја победа е значајна, секој сет е значен. Нив ги води еден силен мотив, тие се надминаа себеси. Вложуваат максимум. Дали другарство, дали сплотеност дали инает дека и тие може да изиграат нешто. Секој освен сет е успех. Задоволство е да се гледаат, како се борат, како играат, убав успех. Ни требаат такви резултати во спортот, заклучува Владимир Ѓорчески-Ципа.