Зошто толку инсистирање на усвојување на Законот за опојни дроги, запраша на денешната седница на собраниската Комисија за здравство пратеникот Влатко Ѓорчев.
– Очигледно со оглед на инсистирањата на кои сме сведоци изгледа овој е најважниот закон на Владата на Зоран Заев. Од каде и зошто толку инсистирање на усвојување на овој Закон за опојни дроги? Јас со жалење можам да констатирам дека семејството Заеви е вклучено во две компании кои произведуваат дрога а тоа се „МАМ“ од Св. Николе и „Фарма медика канабис“ од Валандово, тоа се плантажите на семејството Заеви кои со праксите која ја имаат и постапките што ги спроведуваат од Македонија прават една голема плантажа, од оваа земја прават Колумбија на Балканот, рече Ѓорчев.
Министерот за здравство Венко Филипче, пак, смета дека со измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци ќе се овозможуваат подобра контрола, подобар развој, повеќе вработувања и стимулација на инвеститорите за раст и развој на оваа сфера. Филипче нагласи дека се издадени близу 40 лиценци за одгледување канабис за медицински цели.
– Имаме ситуација во која близу 40 сериозни инвеститори кои инвестирале некоја сума од близу 70/80 милиони евра и вработуваат близу 700 луѓе инвестирале во една сфера за која сметаат дека треба да се развива и понатаму заради тоа што вработува млади луѓе, а тие млади луѓе треба да имаат соодветна едукација, да бидат дел од овој сектор, од оваа сфера, посочи Филипче.
Според него, тој што ќе го поддржи или нема да го поддржи овој Закон зема сериозна одговорност, затоа што, како што нагласи, веќе има голема количина на произведен сув цвет од страна на инвеститорите и компаниите и со измените во овој Закон се дозволува цветот да се извезува на европските или на светските пазари.
– Сметам дека ако овој Закон не се донесе ова ќе биде еден сериозен фактор што може да придонесе голема количина на канабис да се најде на црниот пазар во нашата земја со дозволата за извоз и со пласманот на пазарите таму каде треба – во фармацевтската индустрија за медицинска употреба, оваа можност ние ја елиминираме, рече Филипче.
Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ на седницата посочи дека го поддржува производство на канабис за медицински цели, а за Законот, како што наведе, ги има истите забелешки по истите основи како и во 2016 по овој закон.
Смета дека е добро што 20 проценти од нето добивката на прозиводителите на медицински канабис на правните лица ќе се одвојува во буџетот и побара освен намена за лекување на лицата со ретки болести дел од тие средства да бидат одвоени и за третман на зависниците од опојни дроги и психотропни супстанции, лекување и рехабилитација, но да се вложат дел од овие средства и во образовните програми за младите да ги осознаат негативните последици од користењето. Побара да се вложи дел и за препратите од канабис да бидат подостапни за пациентите.
Седницата е прекината на барање на дел од пратениците поради празникот Василица и таа дополнително ќе биде закажана.