Светското првенство во Кина е сè уште далеку, а Србија и САД не се ни во иста група, но тоа не ги спречи нашите северни соседи да ги напаѓаат Американците кои се актуелни светски шампиони.
Селекторот на „сините“, Саша Ѓорѓевиќ упати „закана“ кон Јенките, велејќи дека „Господ треба да им помогне“ доколку има можен судир меѓу двете екипи.
– САД нека ја играат својата игра, а ние да ја играме нашата, а ако се сретнеме, Господ нека им помогне“, рече Ѓорѓевиќ во интервју за српската национална телевизија.
Србите играа против Соединетите држави во последните две финалиња на големите турнири, Светскиот куп 2014 и Олимпијадата во Рио 2016 година, а и во двата случаи излегоа како губитници. Во 2002 година, Србија, но тогаш како дел од Југославија, ги исфрли САД од Светскиот куп во Индијанаполис, а потоа стигна до титулата.
Србија е во групата со екипите на Италија, Ангола и Филипините, додека САД се во друштво на Турција, Чешка и Јапонија.
Србите ќе се потпрат на нивната најдобра селекција, а Американците имаат прилично експериментален состав во дебито на Грег Попович како селектор на земјата.